Новата снимка во Битола фрла нова димензија на случајот – Спасовски: „Јавноста да не суди однапред“

0
130

По излегувањето во јавноста на новата снимка со инцидентот во Битола министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека во МВР се уште се работи на овој случај и затоа е рано да се оценува исходот или да се даваат коментари за тоа како тоа ќе влијае врз истрагата. На ова видео кое протече во јавноста по случајот кога полицајци тепаат Роми во Битола, се гледа дека на ова му претходело и напад врз полицајци.

„Општа констатација која што треба да биде е дека треба да ги сочекаме сите аргументи и факти во однос на било кој настан па дури тогаш да носиме суд во однос на тие настани. Без разлика кој го прави тоа, дали се граѓаните, дали се невладините организации медиумите и така натаму. Оваа постапка е во истрага, јас апсолутно не оправдувам никакво насилство“, рече Спасовски.
Дали оваа снимка ќе влијае и врз одлуката за суспендирање на двајцата полицајци, министерот Спасовски не сакаше да открие, само рече дека врз полицајците се водат две постапки, кривична и дисциплинска. Додаде и дека сите оние кои ги пречекориле законските овластувања, мора да сносат одговорност, но и дека нема да се поддржува напад врз полициски службеници, алудирајќи на нападот врз шумската полиција од дрвокрадците, потенцирајќи дека секој напад врз полицаец е напад врз државата.

„Знаете дека за случајот на нападот на петтемина од кои што еден е во сериозна здравствена состојба веќе се уапсени и им се одредени мерки притвор на десет лица. Јас благодарам на Јавното обвинителство за промптноста на делувањето, само на таков начин ќе ги обесхрабриме оние криминалци кои што сакаат да напаѓаат“, рече Спасовски
-Неодамна реакција имаше и од Македонскиот полициски синдикат од каде бараат правосудните органи да ги процесуираат ваквите случаи побрзо, а паралелно да се заостри и казнената политика со цел елиминирање на појавата на напади врз полицајци. Во саботата во Битола се одржа протестен марш против полициска бруталност, а неколку ромски здруженија порачаа дека не смее за еден или двајца, како што велат локални шерифи, да се оцрнува целата полициска служба, односно сите полицајци. Инаку за овој случај двајца полицајци се суспендирани, а едниот од нив доби и кривична пријава.

Извор Тв21