Општина Чаир: Ќе постапиме по препораката на Владата за дивоградбата кај „Мавровка“

0
103

На првата седница на Владата донесена е одлука да се урне дивоградбата пред трговскиот центар Мавровка. Објектот ќе го урива Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, пренесува Истражувачка Репортерска Лабораторија – ИРЛ

„Владата донесе одлука да му препорача на Управниот одбор на Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта да донесе одлука за ангажирање на потребната механизација, средства за работа и вработени, за уривање и демонтирање на бесправно изграден градежен објект што се наоѓа пред ТЦ ‘Мавровка’, без надоместок кон Општина Чаир, односно од сопствени средства“, напиша Заев.

Владата им препорачува на Општина Чаир и на Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта да ги регулираат меѓусебните права и обврски да склучат договор за отстранување на дивоградбата. По исполнување на обврските од договорот, двете институции во рок од 7 дена, до Владата треба да достават соодветна Информација за извршување на обврските од одлуката.

Од општина Чаир за ИРЛ велат дека ќе постапат по насоките од Владата.

„Ќе постапиме по препораката. Во наредните денови ќе стапиме во контакт со Ј.П. за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта за да го дефинираме договорот“, изјави за ИРЛ портпаролот на општина Чаир Куштрим Ала.