Преголема Црна Гора или премала Србија?

0
152

Владејачката Демократска партија на социјалистите претрпе големи загуби на парламентарните избори во Црна Гора. Сега партијата на претседателот Мило Ѓукановиќ мора да стравува од губење на власта.
Земја меѓу Истокот и Западот? Верен сојузник за ЕУ и НАТО? Игралиште на еден автократ и неговото семејство? За Црна Гора може да се кажат многу точни работи. Притоа, обично, од вид се испуштаат две работи- големината на земјата и нејзиниот однос кон Србија и Србите. И тоа оној вистински однос, а не оној од политичките тврдења.

Со 620.000 жители, Црна Гора е голема колку Луксембург или Диселдорф. Секој го знае секого. Кога тоа ќе се пренесе на малцинство на луѓе кои учествуваат во јавниот живот, тогаш може да се сфати буквално. Но, за разлика од Луксембург или Диселдорф, никој не имигрира во Црна Гора. На единствениот универзитет во земјата, луѓето посетуваат исти предавања, најчесто одат во исти средни училишта, честопати биле дури и во иста градинка.

Корумпиран систем на клиентелизам

Апстрактните правила и неутралните институции по природа на нештата имаат тешка позиција во ваквите мали заедници. Личните врски се секогаш поважни. Ова не важи само за Балканот, иако општествата со блиски семејни врски, како и насекаде во регионот, добиваат уште една посебна нота. За да ги разбереме големите земји, доволно е да ги знаеме нивните правила. Малите земји се непрегледни – тоа е законитост поради која Европската комисија редовно потфрла кога станува збор за Црна Гора.