Софија ја убедува ЕУ дека во Македонија биле убиени и затворени над 100 000 Бугари

0
190

Во меморандумот испратен до ЕУ, чии делови објави РСЕ, уште се тврди дека „повеќе од 100.000 Бугари биле убиени, затворени, пратени во егзил или во концентрациони кампови“ во првите години по војната

Што поневеројатно е тврдењето, толку треба да изгледа повистинито.

Можеби од оваа максима се раководела официјална Софија кога го подготвувала и ги доставила документот на шест страници и им го испратила таканеречениот објаснувачки меморандум на земјите членки на ЕУ кои ја договараат преговарачката рамка за првата меѓувладина конференција со Македонија. Во него Бугарија наведува познати работи што и досега се знаат кога тврдат дека и македонската нација и македонскиот јазик биле вештачки, но таа ќе бара поддршка за нејзините ставови од другите земји-членки и за работи кои преминуваат во сферата на научната и историската фантастика.

Радио Слободна Европа дошло до овој документ и во деловите што ги објавува навистина има уникатни работи – прераскажано: дека Македонија вршела своевиден геноцид на Бугарите на овие простори. Па, Софија во меморандумот го напишала и ова:

„Во архивите има докази за егзекуција помеѓу 1944 и 1946 година на повеќе од 20.000 луѓе кои се идентификувале како Бугари и ја преставувале политичката и интелектуалната елита во Социјалистичка Република Македонија. Повеќе од 100.000 Бугари биле убиени, затворени, пратени во егзил или во концентрациони кампови“. Тоа, според тврдењата на Софија, значи дека 10 отсто од тогашното население во Македонија било прогонувано затоа што, наводно, биле Бугари.

Македонската наука и историографија досега не знаеше дека во државава имало концентрациони кампови по Втората светска војна, а и никој од европските историчари кои ја проучуваат историјата на овие простори. Но очигледно дека Бугарија има некакви супер тајни документи кои досега никој не ги видел, а и никој во Македонија не знае за такви нешта.

Во документот се наведуваат и други работи и на директен начин се продолжува тврдењето на европратеникот од ГЕРБ, Андреј Ковачев, од минатата недела дека АСНОМ бил еден од темелите на антибугарството. Очигледно дека и таа е една од работите врз кои се гради антимакедонската позиција на Софија пред почетокот на преговорите со ЕУ.

Во тој дел што го цитира РСЕ пишува:

„Македонскиот јазик или етничка група не постоеле до 02.08.1944. Нивното создавање е дел од целосната изградба на одделен небугарски идентитет чија цел била да се прекинат врските меѓу населението на тогашната Социјалистичка Република Македонија и Бугарија. Бугарскиот литературен јазик има шест регионални пишани норми (кодификации), три од нив се основаат на дијалекти и три на бугарскиот литературен јазик. Создавањето на македонскиот јазик во 1944 година во екс Југославија беше акт на второстепена кодификација основана врз бугарскиот литературен јазик, дополнително збогатен со форми до домашниот говорен јазик, така симулирајќи природен процес основан на дијалекти. Основите на кои е извршена кодификацијата и начинот на кој е спроведена сведочат дека официјалниот јазик кој се користи во Северна Македонија денес може да се смета само за пишана регионална норма на бугарскиот јазик“.

А за малцинствата се вели:

„Тврдењата за малцинства поттикнати од странство се неприфатливи. Бугарија очекува Република Северна Македонија да ги исполни своите заложби, да ги суспендира гореспоменатите политики навремено да го усогласи своите позиции и активности во меѓународните организации со членот 11 од Договорот и да ја прекине својата практика на инструментализирање на мултилатерални формати и механизми за следење, за да се изврши непотребен притисок врз Бугарија. Ова ќе биде предуслов за добивање на согласност од Бугарија за кој било понатамошен чекор во процесот на интеграцијата“.

Очигледно дека официјална Софија, каде владата на Бојко Борисов е под огромен притисок на повеќенеделните протести на кои се бара оставка поради големата корупција во земјата и киднапирањето на судството од страна на олигарсите, ќе бара простор за полесно дишење преку националистички пораки и главната дежурна тема – Македонија, за да го пренасочи вниманието и да се стабилизира до изборите во март 2021. Па затоа им укажува на европските земји дека нема да дозволи „влезот на Северна Македонија во ЕУ да биде користен како платформа за македонизам базиран на антибугарска идеологија“.

Германската канцеларка Ангела Меркел пред неколку недели изјави дека верува оти за време на претседателствувањето на наејзината држава со ЕУ ќе бидат отворени преговорите со Македонија. Забелешките од меморандумот на Софија влегуваат во прашања од поглавјето 35 кое обично се отвора на крајот од преговорите и во него се наведуваат прашања што ги нема во ниедно друго поглавје. Наредните две недели во Брисел треба да се финализираат разговорите околу преговарачките рамки за во првите десетина дена да дојдат на дневен ред во Европската комисија.
Извор Независен весник