Стивнаа партиските апетити: Талат Џафери сепак ќе има тројца заменици

0
110

Од кабинетот на претседателот Џафери велат дека до нив сеуште нема стигнато одговор од пратеничките групи за предлог за потпретседастели на Собранието.

Собранието, како и досега, најверојатно ќе има само три. Ваквата најава доаѓа по критиките во јавноста дека петмина заменици на спикерот Талат Џафери се непотребен трошок за државата и дека за земја која се декларира како социјална, партиските апетитити премногу се зголемиле. Од кабинетот на претседателот Џафери велат дека до нив сеуште нема стигнато одговор од пратеничките групи за предлог за потпретседастели на Собранието.

Во меѓувреме, според неофицијални ифнормации на Слободен печат, во владејачкото мнозинство течат разговори за оваа функција. Извесно е дека пратеникот од НСДП Горан Мисовски ќе биде еден од предлозите на Коалицијата „Можеме“. Во игра за оваа функција е и пратенкот Зеќир Рамчиловиќ, кој како дел од бошњачката заедница на предвремените парламентарни избори настапуваше заедно со Коалицијата предводена од СДСМ. Рамчиловиќ за Слободен печат вели дека веќе имал разговори за оваа позиција, но дефинитивен договор сеуште немало.

– Добро е еден од потпретседателите да биде од редовите на помалкубројните заедници, вели поранешниот потпретседател на Собранието Зеќир Рамчиловиќ
Рамчиловиќ на функцијата потпретседател беше и во минатиот собраниски состав откако пратеникот и потпретседател на Собранието Весел Мемеди од НДП си поднесе оставка.

Потпретседателска функција очекуваат и од коалицијата Алијанса и Алтернатива. Од таму велат дека тие како најголема опозициска пратеничка група на Албанците ќе поднесат барање за оваа позиција во Собранието, бидејќи на седница веќе била усвоена одлука за пет потпретседатели на парламентот.

– Наскоро ќе поднесеме барање како Коалиција Алтернтива и Алијанса за потпретседател на Собранието. Оваа функција ни следува како најголема опозициска партија на Албанците. Ќе видиме што ќе одлучи претседателот на Собранието Талат Џафери, од кого зависи свикувањето на седницата за избор на потпретседателите на Собранието – вели генералниот секретар на Алтернатива, Скендер Реџепи, кој додава дека за предлгоот заедно ќе одлучуваат со Алијансата.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски за Слободен печат ја потврди информацијта дека остануваат на партискиот став дека нема да предложат потпретседател на Собранието. Пред нешто повеќе од две недели генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев на прес конференицја рече дека уште од старт биле против тоа Собранието да има пет потпретседатели.
Јавно кажавме дека е премногу и дека е непотребен трошок сето ова што се прави. Впрочем ако видиме во минатото никогаш не било вака, дополнително само ќе се зголемат трошоците кои ги плаќаат граѓаните, а најголем од тие, дури и да ги имаме пет потпретседатели, никогаш нема да седнат на спикерското столче – рече Јанушев.

И лидерот на СДСМ Зоран Заев рече дека тие нема да предложат кандидат, само ако и ВМРО-ДПМНЕ се откаже од потпретседател.

– Нека се откаже ВМРО-ДПМНЕ од свој претставник за потпретседател на Собранието, ќе се откаже и СДСМ и, еве, ќе има три потпретседатели. Но, Деловникот вели дека најголемата опозициска партија има еден потпретседател. Ова го кажувам за да ѝ е јасно на јавноста дека ова е собирање политички поени на нечесен начин – рече Заев.
„Бројот на потпретседателите го утврдува Собранието по предлог од претседателот на Собранието. Потпретседателите се избираат од редот на пратениците кои припаѓаат на различни политички партии застапени во Собранието. Еден од потпретседателите се избира од редот на пратениците кои припаѓаат на политичката партија застапена во Собранието која е најголема опозициона партија“, пишува во Деловникот.

И за време на минатиот парламентарен состав беше донесена одлука за пет потпретседатели на Собранието. Но оваа функција ја извршуваа само тројца. ВМРО-ДПМНЕ не прифати да има потпретседател на Собранието, бидејќи не го признааше за спикер на Собранието Талат Џафери поради начинот на кој беше избран. Во претходниот собраниски состав потпретседатели беа Горан Мисовски од НСДСП, Фросина Ременски од СДСМ, Весел Мемеди од НДП кој си поднесе оставка и Зеќир Рамчиловиќ кој оваа функција ја обавуваше само четири месеци, бидејќи Собранието се самораспушти пред истекот на својот мандат.