Филипче: Новиот Клинички центар дефинитивно ќе почне да се гради

0
116

Новиот Клинички центар дефинитивно ќе почне да се гради во овој четиригодишен мандат на Владата. Тоа е нешто што нашите пациенти го заслужуваат, истакна вечерва министерот за здравство Венко Филипче во гостувањето на емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија. Тој посочи дека ги воочиле недостатоците на една ваква поставеност на клиниките, болниците, посебно на Клиничкиот центар. Потенцира дека сите клиники физички не се на едно место за да може да се даде интегриран тип здравствена услуга. – Ние брзо се реорганизиравме и во рамки на тоа дури и сообраќајните проблеми се решија во кругот на Клиничкиот центар, за да се олесни комуникацијата меѓу клиниките, но тоа не е трајно решение, заради тоа што нас ни треба модерна болница, Клинички центар што ќе им служи на граѓаните и во следните 60 до 70 години, рече Филипче. Нагласи дека презеле други активности, реновирале голем број одделенија и клиники за да ги подобрат условите. – Некаде не беше реновирано ни повеќе од 50 до 60 години, но дефинитивно иднината е во нов Клинички центар. Постапката практично започна. Ние прекинавме заради изборниот процес, корона кризата итн. и сега треба да продолжи. Предлогот и концептот е тој Клинички центар да биде во четири блока и јас верувам дека првиот блок дефинитивно ќе биде завршен во следните четири години. Тоа ќе овозможи дел од сегашните клиники да се преселат и започнат со работа. Има посебен план согласно компатибилноста на клиниките кои треба да се префрлаат и за тоа разговаравме да видиме како тоа би можело да се изведе, а да не се губи време, како ќе бидат следните блокови ќе се празнат и клиниките според таа стратегија, истакна Филипче.