Хронично болните и родителите се враќаат на работа

0
80

Владата на денешната седница донесе одлука вработените лица со хронични болести, како и оние кои користеа продолжено породилно отсуство од 23 септември да се вратат на своите работни места. Исклучок, според соопштението, ќе бидат лицата кај кои болеста е во фаза на влошување и за оние со малигна болест.

На работа исто така треба да се вратат и родителите чии деца се до шестгодишна возраст, имајќи предвид, како што наведуваат од Владата, дека детските градинки отпочнаа со активности за згрижување и воспитание на деца од 9 септември.

Родителите чии деца од шест до 10 годишна возраст се вклучени во воспитно – образовниот процес во училиште, без разлика на начинот (со физичко присуство или од далечина) исто така треба од 23 септември да се вратат на работа.

Владата воедно го задолжи Министерството за труд и социјална политика да испрати писмено укажување до сите детски градинки да продолжат со упис и згрижување на деца, особено на оние деца чии двајца родители се во работен однос, без разлика дали работат од дома или одат на работа.

Владата го прифати и Предлогот за изменување на Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитание на деца и тоа: воспитните групи за деца до две годишна возраст да имаат максимум по 12 деца и двајца вработени во смена.