Јанакиески кон судијата – Ве замолувам да ги тргнете сите предрасуди и обиди за осудување настрана

0
172

Ве замолувам да ги тргнете сите предрасуди и обиди за осудување настрана, и овие завршни зборови примете ги од неутрална позиција, како завршни зборови на било кој човек што стои од спротивната страна, некој што не го познавате или пак прв пат го сретнувате во судница. И со личниот интегритет и разумна логика донесете ја вашата одлука“, вака му се обрати Миле Јанакиески на судијата на денешното рочиште за настаните пред Општина Центар во 2013-та година, искажувајќи ги своите завршни зборови во кои ја сублимираше постапката досега и неразумното барање на обвинителството за најстрога казна против него, без материјали и вербални докази за сторено дело.

-“Најлоша форма на неправда е глумење правда” рекол Платон. Почитуван судија, Вие имате можност да донесете правична пресуда, што нема да биде глумење дека во државава се спроведува правда. Ако имав вина, ниту јас, ниту моето семејство немаше да може да го издржиме овој притисок со кој се соочуваме повеќе години наназад. Ќе признаев и ќе се молев за помала казна. Но бидејќи јас немам никаква вина, стојам исправен пред Вас, пред целата јавност, за да докажам дека немам никаква улога во овој немил настан“, посочи Јанакиески и додаде:

„Повеќе од 5 години преку јавно објавување на селектирани таканаречени „бомби„ се стигматизира мојот карактер и однесување, со цел да се прикаже во јавноста дека сум насилник, злосторник, криминалец, терорист и што уште не? Свесен сум дека овие аудио-снимки влијаеја кај јавноста, која без да ме познава веројатно веќе ме осуди. Уште пред да почне судскиот процес, јас сум веќе осуден, без да се води сметка за уставно загарантираното право на презумпција на невиност. Свесен сум дека меѓу слушателите на овие телефонски разговори е и судот, но искрено верувам дека судот својата одлука ќе ја донесе единствено преку ценење на доказите изведени во оваа постапка.“

Тој во своите завршни зборови потенцираше дека обвинителството не само што не успеало да докаже негова вина, туку и ниту во исказот на условно-осудениот Томислав Лазаров не се посочува Јанакиески како лице кое давало насоки за насилство на протестите.

Дополнителен апсурд е што Лазаров призна вина според првичното обвинение, кое беше видоизменето после исказот на Лазаров на суд и според променетото обвинение Даниела Рангелова беше ослободена од вина, а сите нејзини претпоставени дејствија му се припишуваат на Јанакиески.

Уште поголем апсурд е што иако признава вина според наведеното во првичното обвинение, Лазаров на суд во исказ кажува различни работи од признанието, па така, ако признал дека добивале насоки од Јанакиески заедно со Рангелова после што ги координирале протестирачите пред општина Центар, на суд после некое време вели дека ништо од тоа не е точно. И обвинителството пред кое признал вина претходно, прифаќа дел од неговото различно сведочење и ја ослободува Рангелова, додека пак за Јанакиески бара најстрога казна.

На денешното рочиште поради сите евидентни бројни апсурди и недостаток на никакви докази, адвокатите и обвинетите побараа отфрлање на обвинението и ослободување од кривичен прогон.