Брисел повикува на повеќе напор за надминување на јазот меѓу Скопје и Софија, нагласувајќи дека добрососедските односи се во основата на проширувањето на ЕУ. Ова е одговорот на портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро, по вчерашните коментари на премиерот Заев и вицепремиерот Димитров, дека почетокот на преговорите со ЕУ може да се одложи и ја обвинија Унијата дека нема да биде европска, доколку дозволи Бугарија да ја блокира земјата поради спорови околу македонскиот јазик и историја.
„Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија дадоа позитивен пример за регионот и пошироко. Важно е овие билатерални договори да продолжат да се спроведуваат. Ги охрабруваме обете страни да ги удвојат своите напори да најдат решение за отворените прашања“, наведе Ана Писонеро, портпаролка на Европската комисија.
Во Европскиот совет не ги коментираат изјавите на Заев и Димитров, но велат дека дискусиите во оваа висока институција на ЕУ се во тек.
„Дискусиите во Советот продолжуваат. Не можеме да ги коментираме изјавите на премиерот и вицепремиерот“, наведоа од Европскиот совет.
Додека ДУИ не ги коментира изјавите на партнерот во владејачката коалиција, опозицијата остро ја критикува владата и ја смета за одговорна за, како што вели, „потфрлувањето во надворешната политика“.
„Тоа е многу песимистичка изјава за сите граѓани на земјата. Особено со оглед на фактот дека ние како Албанци во текот на 3 децении жртвувавме многу национални интереси за целите на евро-атлантските интеграции. Сметаме дека сега е време другите да се жртвуваат. Претходно имаше подготвеност од обете страни за компромис, но конецот некаде е изгубен. Владата мора да преземе одговорност и да остави простор за оние што можат да најдат компромис, бидејќи интеграцијата во ЕУ за нас како граѓани и Албанци е бескомпромисна“, изјави Скендер Реџепи, АА – Алтернатива.
Борисов и Захариева неодамна изјавија дека Скопје не може да продолжи по својот пат кон ЕУ, освен ако не постигне компромис со Софија до 10-ти ноември за македонскиот јазик и историја. И покрај судирите меѓу политичарите, комисиите на двете земји се очекува да се состанат на 15 и 16 октомври.
ИЗВОР АЛСАТ М