Дополнителни 37 милиони евра за локални патишта и 25 милиони за основното образование од Светска банка

0
36

На денешната седница, Владата ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од обезбедување на дополнителни средства за Проектот за поврзување на локални патишта финансиран од Светска банка, и го задолжи Министерството за финансии, веднаш по усвојувањето на оваа Информација, да испрати официјален допис до Светска банка со барање да обезбедат дополнителни средства во износ од ЕУР 37 милиони за Проектот за поврзување на локални патишта финансиран од Светска банка.

Со Договорот за заем, и со комплетираната финансиска конструкција од ЕУР 70 милиони овозможува рехабилитација на 450 км локални патишта, од кои во првите 18 месеци од реализација на проектот ќе бидат тендерирани за рехабилитација најмалку 110 км локални патишта.

На предлог на Министерството за образование и наука на оваа седница е разгледана и усвоена Информацијата со иницијатива за задолжување за имплементација на Проект за унапредување на основното образование.

Во врска со оваа информација Владата донесе заклучок да го задолжи Министерството за финансии, во соработка со Министерството за образование и наука, да пристапи кон преговори со Меѓународната банка за обнова и развој во насока на обезбедување на заем во износ од 25 милиони американски долари за финансирање на Проектот за унапредување на основното образование, предвиден во Рамковната соработка (Country Partnership Framework) помеѓу Република Северна Македонија и групацијата Светска банка за периодот 2019-2023 година.

Проектот е подготвен под раководство на Министерството за образование и наука и со целосна вклученост на сите засегнати страни и релевантни институции во секторот за образование и се состои од 4 компоненти, и тоа: Подобрување на учењето на ниво на училиште; Реформа на следењето и оценувањето на националниот прогрес во учењето; Зајакнување на компетенциите на наставниот кадар, стручните соработници и директорите на училиштата; и Управување на секторот, раководење со проектот и мониторинг и евалуација.