Кичево е единствениот од поголемите градови во Македонија, каде нема ковид центар, за лекување на пациентите инфицирани од Ковид 19, предупредуваат лекарите. Дополнително во болницата, нема епидемиолошка служба, па повремено доаѓаат епидемиолози од Битола, а нема ниту инфективно одделение, туку само амбуланта, со еден инфектолог. Директорот на здравствениот дом, Џабир Бајрами , вели дека ова е критичен период за Кичево. Toj се надева дека со помош од Министерството за здравство ќе се поставува барака со неколку соби и санитарни јазли, за третман на пациентите од регионот.
„Во последно време бројот на инфицирани со вирусот Ковид во Кичево е во пораст. Оваа ситуација е резултат и на наш пропуст, бидејќи не успеавме навреме да се организираме и да отвориме ковид центар во склоп на центарот и да можеме пациентите со лесна и средна клиничка слика да ги третираме во Кичево. Немаме ниту просторија за дневен третман на пациенти. Ние сме примарна медицинa, немаме ние услови и можност за третман на пациенти со Ковид“, рече Џабир Бајрами-директор на здравствен дом Кичево.
Во отсуство на соодветен простор во болницата во Кичево, изминатите неколку месеци за прием на пациенти сомнителни на Ковид 19, се користи шатор.
Во ситуација кога има пораст на заболени, деновиве речиси и да нема место за прием на пациент од кичевскиот регион во регионалните ковид болници во Битола и Гостивар, каде се третираат пациенти со потешка клиничка слика.
„Фактички пациентите кои имаат симптоми на ковид 19,ние со договор или со протоколот задолжени сме да ги пријавуваме во ковид центрите ви Битола, Охрид или Гостивар. За жал последните дена одбиени сме бидејќи нема место таму, и пациентите од Кичево се оставени на ,милост на судбината и среќата. Ги повикувам институциите што по брзо да преземат нешто. Да се направи импровизирана болница каде можат пациентите да добијат помошта, односно терапија со инфузија“, вели Генц Селмани-лекар во приватна амбуланта.
Од кичевската болница, најавуваат реорганизација на просторите и создавање на услови за третман на ковид пациенти во нивните простории.
„Сега со стручниот колегиум ќе најдеме соодветен простор каде што ќе бидат опслужени пациенти што се суспектни. Сите ковид пациенти кои се на домашно лекување се истријажирани преку нашата институција. Преку лабораторија, трансфузија, рендген, повеќе од 20 пациенти, дали суспектни, дали позитивни се опслужени од нашата институција. Тоа не значи дека ние како институција не работиме со ковид позитивни, само што немаме лежечки ковид позитивни“, рече Станко Трпески-директор на општа болница Кичево.
Како опција за такво нешто се разгледува интерното одделение, каде има доволно простор, а предвидена е ротација на лекарскиот тим за да може да се излезе во пресрет на сите кои ќе имаат потреба од лекарска грижа. Проблем е што во болницата во Кичево, четворица лекари се позитивни на Ковид 19, помеѓу кои еден гинеколог, инфектологот и двајца интернисти.
ПРЕЗЕМЕНО ОД АЛСАТ М