Колку луѓе досега загинаа во Нагорно Карабах

Бројот на загинати во конфликтот меѓу ерменските и азербејџанските сили во Нагорно-Карабах достигна 600 лица.

Официјални претставници на двете страни јавуваат за нови воени и цивилни жртви, бидејќи борбите и натаму траат и покрај договорот за прекин на огнот во Москва, што требаше да почне од саботата на пладне.

Воени претставници од Нагорно-Карабах денеска соопштија дека во конфликтот се убиени уште 16 нивни војници.

Од 27 септември, кога почнаа судирите, убиени се 532 припадници на војската во Нагорно-Карабах.

Азербејџанските власти не ги објавуваат своите воени загуби, но, сепак, соопштија дека имаат 42 цивилни жртви на нивна страна.

Заштитникот на граѓаните на Нагорно Карабах синоќа соопшти дека во нивната област биле убиени најмалку 31 цивил, додека стотици се ранети.

Овој последен конфликт меѓу азербејџанските сили и ерменските сепаратисти од Нагорно Карабах, поддржани од официјален Ереван, е најжесток по воспоставувањето на примирјето во 1994 година.

Двете страни меѓусебно се обвинуваат за кршење на договорот за прекин на огнот, постигнат во петокот во Москва, со посредство на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. (МИА)