КОМИСИЈА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ – ПОРАДИ ЗГОЛЕМЕНАТА БРОЈКА НА ЗАРАЗЕНИ СЕ РАЗМИСЛУВА ЗА СКРАТУВАЊЕ НА РАБОТНОТО ВРЕМЕ

Денеска на редовниот состанок, Комисијата за заразни болести не донесе нови препораки во однос на понатамошно спречување на ширењето на коронавирусот во земјава.

Членовите на Комисијата, пренесува Фактор, очекуваат денеска Владата да ги усвои минатонеделните препораки кои се однесуваат на задолжителното носење на заштитни маски и на отворено, забрана за групирање на повеќе од 4 лица на јавни простори по 22 часот како и забрани за семејни собири (со оваа препорака едно семејство смее да прими најмногу 4 лица на гости).

„Денеска немаше ништо посебно на состанокот. Се дебатираше околу тоа од каде е толкавиот број на новозаразени, но за сега не одлучуваме за други рестриктивни мерки, освен за оние кои ги препорачавме минатата недела, а кои очекуваме денеска Владата да ги усвои. Во зависност од актуелната состојба и епидемиолошката слика на земјава, можеби ќе размислиме евентуално за намалување на работното време, но не само на кафеаните и угостителските објекти, туку скратувањето на работното време, размислуваме да биде за сите, и пекарници и рестораните за брза храна и маркети и молови. Ова би било со цел да не се чувствуваат дискриминирани едните или другите“, велат од Комисијата за заразни болести за „Фактор“.