Нов вид на коронавирус од Шпанија се шири низ Европа

0
67

Мутација на коронавирус, која потекнува од шпански земјоделски работници, брзо се шири низ цела Европа од летото и сега го сочинува мнозинството нови случаи на Ковид-19 во повеќе земји. На пример, во Велика Британија, тој сочинува дури 80 проценти од новите случаи, пишува Фајненшл тајмс.

Сепак, научниците досега не пронашле докази дека оваа мутација е поопасна.
Според Ројтерс, оваа мутација на вирусот прво е идентификувана меѓу земјоделските работници во источни шпански региони Арагон и Каталонија. Во текот на последните два месецa, тој изнесува скоро 90% од новите инфекции во Шпанија, според истражувачкиот труд, чии автори се седум истражувачи со поддршка од швајцарски и шпански научни институции. Вирусот ги преминал европските граници и се претпоставува дека е виновен за 40-70% од новите инфекции во Швајцарија, Ирска и Велика Британија.

– повеќе на темата: Дали мутациите ќе го направат вирусот безопасен?

Меѓународниот тим научници кои работат на следење на вирусот преку неговите генетски мутации опишаа необично ширење на овој нов вид на коронавирус, наречен 20А.ЕУ1, во истражувачки труд, објавен во четврток.

Тие наведуваат дека луѓето кои се враќале од годишни одмори во Шпанија одиграле клучна улога во пренесувањето на вирусот низ Европа, прашувајќи се дали вториот бран кој штотуку го погоди континентот може да се намали со подетални проверки на туристи на аеродромите и другите сообраќајни центри.

Генетски потпис

Бидејќи секоја варијанта на вирусот има свој генетски потпис, може да се следи до местото од каде што потекнува.

„Од ширењето на 20А.ЕУ1, се чини јасно дека мерките за превенција на вируси честопати не биле доволни за да се запре понатамошното пренесување на нови видови на вирусот ова лето“, рече Ема Ходкрофт, генетичар на Универзитетот во Базел и предводник на студија што сè уште не е објавена во научно списание.

– повеќе на темата: Како и кога завршува една пандемија?

Научните тимови во Швајцарија и Шпанија сега брзо го испитуваат однесувањето на оваа верзија на коронавирусот за да утврдат дали може да биде поубиствен или заразен од другите видови.

Мутација

Д-р Ходкрофт, сепак, нагласува дека „нема докази дека брзото ширење на овој вид се должи на мутација која го зголемува пренесувањето или влијае на клиничкиот исход по инфекцијата“. Но, таа додава дека 20A.EU1 е различна од која било верзија на вирусот Сарс-Ков-2 на кој наишла порано.

„Не видов никаква верзија со таква динамика се’ додека не ги погледнав геномските секвенци на коронавирусот во Европа“, рече д-р Ходкрофт.

Екипите работат специјално со лаборатории за вирусологија за да утврдат дали 20А.ЕУ1 носи одредена мутација на „шилестиот“ протеин што вирусот го користи за да влезе во човечките клетки, што би можело да го промени неговото однесување.

Сите вируси развиваат мутации – промени во нивниот генетски код – кои можат да се групираат во нови варијанти и видови. Идентификувана е друга мутација на Сарс-Ков-2, наречена Д614Г, за која се верува дека го прави вирусот позаразен.

Извор Дојче Веле