Алармот од Светска банка – Сериозен сигнал дека нов „локдаун“ не смее да има

0
112

Северна Македонија е во најдлабока рецесија во последните две децении поради пандемијата на Ковид-19. Светска банка во најновиот извештај предупредува на предизвиците, но и ризиците кои ја демнат македонската економија во услови на глобална криза. Меѓународната финансиска институција укажува дека ударот е врз сите сектори на економијата која годинава ќе биде во минус од 4,1%.

„Пандемијата со Ковид-19 силно ја погоди економијата на Северна Македонија, со ограничување на движењето, нарушените синџири на снабдување и продолжената неповолна епидемиолошка состојба, кои влијаат на веќе и онака неповолните економски изгледи во земјата. Како резултат на тоа, земјата се соочува со најдлабока рецесија во изминатите две децении, со влијание врз сите сектори на економијата”, изјави Масимилијано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светска банка во Македонија.

Светска банка укажува дека поддршката на македонската влада за стопанството ги ублажи последиците, но не ја запре и невработеноста. Она што дополнително загрижува е констатацијата дека крајот на економската криза е несигурен, па оттука и притисоците врз пазарот на трудот и приходите веројатно ќе продолжат уште неколку месеци:

„Краткорочните изгледи се позитивни, но доминираат надолните ризици. Фазата на сузбивање на пандемијата сé уште не е завршена и продолжената пандемија, заедно со сé уште важечките мерки за социјално дистанцирање, може уште повеќе да го одложи закрепнувањето“, смета Паолучи.

Дојче Веле