(ВИДЕО)Марковски: Имаме најголема смртност во светот, а нема одговорност

0
82

И покрај највисоката смртност во светот, ако се анализираат само последниве месеци по милион жители, изостанува одговорност, чувство на грижа на совест, изостанува анализа и нема стручна комисија која ќе утврди дали и зошто имаме висока смртност, вели членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, инфектологот доцент д-р Вело Марковски.

агрижени сме како и сите граѓани за големата смртност, хаотичните мерки и немањето на стратегија за справување со ковид-19. Сметаме дека Македонија со други кадровски решенија може многу поуспешно да се носи со целокупната состојба во здравството, рече Марковски.

Тој наведе повеќе причини за одговорност на министерот Венко Филипче, а како прва ја наведе таа кога, како што рече, министерот на почетокот на кризата со ковид-19 заедно со Комисијата за заразни болести, надвор од научните сознанија, „направи стратегија да се спречи ширењето на кови-19, односно да се сведе на најмногу 2.000 позитивни случаи за цела држава”, бројка што беше достигната на 26 мај.

Според Марковски, науката вели дека не е можно да се спречи ширење на горно респираторна инфекција, туку само може да се одложи. При тоа, вели, се презедоа драстични мерки иако епидемиолошката ситуација беше мирна и се потрошија повеќе од 1.5 милијарда евра, се стопира економијата, образованието, социјалниот и спортскиот живот.

Втората причина според Марковски е што не се избра модел, односно стратегија за справување со болеста, туку дека „со лажно прикажување на позитивните како заболени се направи непроценлива штета на државата, во тек на летото поради ваквите привидни бројки бевме изолирани скоро од сите околни држави”.
Марковски потоа наведува дека „иако никогаш не се прогласи завршување на првиот бран, се дозволија голем број на јавни собири во тек на летото (концерти, свадби, прослави…), при што, како што нагласува и Комисијата за заразни болести се опушти и не се испланира почетокот на учебната година, не се одржа ниеден симпозиум или конференција за изедначување и доктринарни ставови за лекување на болните, ниту пак се изработија релевантни дијагностички протоколи.

„Со околу 28.000 позитивни случаи и 949 починати луѓе се бара вина кај народот, кај политичките опоненти, кај стручни лица, кај сите освен кај себе. За жал и покрај највисоката смртност во светот ако се анализираат само последниве месеци по милион жители, изостанува одговорност, чувство на грижа на совест, но пред се изостанува анализа. Нема стручна комисија која ќе утврди дали и зошто имаме висока смртност”, изјави Марковски.