Вирусот не заспива, лица еднаш позитивни и по втор пат се заразуваат и тоа со потешки симптоми

0
246

Во земјата се јавуваат случаи на лица кои по вторпат се заразуваат од корона вирусот. Првпат се заразиле за време на пролетниот/летниот бран, имале бројни симптоми и се излекувале (дел дома, дел во болнички услови). Иако биле излекувани, потврдено со два негативни теста, но и со општата здравствена состојба, сега повторно ги добиваат истите симптоми и тестирањата покажуваат дека се позитивни.

Прв ваков случај беше пријавен во август, кога штипјанец на возраст од 46 години, кој еднаш бил излекуван од Ковид -19, за кратко време повторно се зарази. Вториот пат состојбата му беше уште посериозна, и беше префрлен на болничко лекување.

Поради големиот наплив на новодијагностицирани во октомври, ваквите случаи остануваат во сенка, и засега нема одговори дали се води евиденција и анализа за нив. Уште пролетта шпански лекари алармираа дека дел oд пациентите кои успешно го завршиле лекувањето со негативни тестови, подоцна повторно биле позитивни. Лекарите сметаа дека не станува збор за секундарна инфекција, туку за случаи на „враќање/будење на вирусот”, поради слаба имуна реакција. Објаснувањето беше дека „кога имуната реакција ќе успори и ослабне, вирусот кој останува во некој резервоар во телото, успева да се разбуди и да се врати“.