Греењето на дрва во Македонија најзастапено 62% од граѓаните користат печки на дрва

0
94

Дури 62 отсто од вкупниот број македонски домаќинства користат дрва за греење, 29 отсто користат електрична енергија, а само осум проценти се приклучени на централно парно греење, покажуваат податоците од публикацијата „Потрошувачка на енергенти во домаќинствата“ на почетокот од новата грејна сезона во Македонија.

Доколку доволно би се развил гасоводниот систем во земјава, првенство би имало греењето на гас.

Греењето со огревни дрва, според експертите, се уште е економски најисплатливо, а со електрична енергија е еколошки најприфатливо. Просечно македонско домаќинство годишно користи од три до 10 кубни метри огревно дрво за загревање или најчесто околу шест кубни метри. Доколку се подели вкупната дрвна маса што се сече на годишно ниво со бројот на кубните метри неопходни за греење се добива дека повеќе од 130 000 домаќинства се греат на огревно дрво.

Цената во ЈП „Национални шуми“, согласно нивниот повик не смее да биде повисока од 2 900 за буково и 3 000 денари за дабово дрво. Но сепак, просечната, пак, малопродажна цена за кубен метар буково огревно дрво во приватните складишта се движи од 3 300 до 3 800 денари, а кај дабовото дрво е поскапа за 200 до 300 денари по кубен метар. Според тоа, просечно македонско домаќинство одвојува од 18 до 22 илјади денари годишно.

Цената на електричната енергија за еднотарифните мерила изнесува 4,77 денари за потрошен киловат час, а експертите велат дека се доаѓа до заклучокот дека дневно за греење ќе се потрошат во просек по околу 25 киловат часови или околу 120 денари. Кога на нив ќе се додадат и 18 отсто за ДДВ се добива дека дневно ќе се трошат по 140 денари за загревање или 4 200 денари месечно, односно околу 25 200 годишно.

Цената би била речиси двојно помала доколку се грее со инвертер , но ваквиот вид на греење експертите не го препорачуваат како главно, туку само како помошно, бидејќи при екстремно ниски температури под – 15 степени Целзиусови инвертерот најчесто не може да работи или не може доволно да загрее.

Пресметката, според калкулаторот на Регулаторна комисија за енергетика, покажува дека просечната сметка за греење на стан со парно од 60 квадратни метри изнесува околу 2 000 денари месечно доколку сметката се плаќа на 12 еднакви рати или 4 000 денари ако се плаќа на шест рати. Произлегува дека годишно за греење на стан од 60 квадратни метри се неопходни околу 24 000 денари.