Директорката на МЕПСО: И мојата сметка за струја е поскапена!

0
167

МЕПСО нема да го повлече барањето со кое Регулаторната комисија за енергетика ја поскапи цената на струјата за 7 проценти. Од државната енергетска компанија која раководи со преносот на електричната енергија велат дека добиле минимално покачување иако тие барале многу повеќе. За инвестиции во мрежата потребни се пари велат од МЕПСО, а за ранливите категории граѓани државата нуди субвенции за користење електрична енергија.

„Струјата не треба да биде социјална категорија. Затоа МЕПСО не може, не дека не сака, ние знаеме каква е ситуацијата во државата особено поради ковидот. На сите нас и на мене ми е поскапена струјата, врз сите влијае тоа меѓутоа компанијата мора да продолжи да работи“, рече Ева Шуклева директорка на МЕПСО.

Засега Шуклева вели дека е рано да се каже дали МЕПСО и другата година ќе побара да расте цената на струјата. Според последната пресметка оваа државна компанија од Регулаторната комисија за енергетика пред корекцијата на цената на струјата побарала нивниот удел во цената да се зголеми за 70 отсто, а добиле 11отсто. Уделот на МЕПСО во цената е 4,2 отсто. Ова значи дека доколку било прифатено нивното барање цената ќе се зголемела за 23 денари, а сегашното зголемување со прифатените трошоци изнесува пет денари по сметка кои ги добива МЕПСО.

Последното зголемување на цената на струјата се случи во август годинава и изнесуваше 7,4 отсто. Граѓански здруженија и револтирани граѓани од повеќе градови низ земјава организираа протести против оваа одлука, но тоа засега не ги предомислува енергетските компании да ја повлечат одлуката. Ставот на Регулаторната комисија за енергетика е дека новата повисока цена на струјата се должи на намалените приходи на енергетските компании од Македонија. Регулаторот потенцираше дека повлекување на одлуката е можно само доколку со тоа се сложат енергетските компании.

АЛСАТМ