ЕСМ ќе биде косопственик на гасна централа во Грција, РЕК „Битола“ во функција уште 10-15 години

0
95

Владата ја разгледува понудата на Грција преку „Електростопанство на Северна Македонија (ЕСМ), да биде косопственик на 800 мегаватна гасна централа што ќе се гради кај гасните терминали во Александропулис, а истовремено се подготвува и за наредниот период од енергија на јаглен да премине на други извори како што се природниот гас, ветерот и сонцето. За најмногу пет години, од РЕК Битола ќе биде исклучен еден блок, а истата судбина ги чека и преостанатите два во наредните 10-15 години, во зависност колку тоа ќе го дозволат европските регулативи.

Ова го истакнаа премиерот Зоран Заев и директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања по обиколката на претоварната станица во Скопје за одложување на стари печки и други нееколошки грејни тела.

„Имаме јасна енергетска стратегија и знаеме дека доаѓа моментот кога ќе треба да ги затвориме комбинатите кои произведуваат на јаглен. Државата размислува да прифати една многу пријателска понуда од Грција, да бидеме косопственици на гасните терминали во Александрополис, каде што ќе се гради 800 мегаватна гасна централа што ќе произведува два и пол пати повеќе енергија од енергетскиот дефицит што го имаме како земја“, изјави Заев, објаснувајќи дека тоа би се направило преку преку директни инвестиции од страна на ЕСМ.

„Сама да може да набавува течен природен гас од Америка, од Катар, од Израел и да произведува електрична енергија и да ја пушта во нашата мрежа, што е израз на големото пријателство по Договорот којшто го потпишавме со Грција, но и за понатамошните инвестиции што се случуваат во државата“, рече премиерот додавајќи дека земјата е исправена пред предизвикот кога ќе треба да ги затвори централите за производство на струја од јаглен.

„Во следниот период ќе претстои затворање на еден блок на РЕК „Битола“, кој ќе биде приклучен на гасоводот што ќе минува крај Битола и ќе се трансформира во гасна централа“, рече Заев, нагласувајќи дека стратегијата на државата се обновливите извори на енергија.

„Иако не сме членка на ЕУ и немаме обврски за плаќање на аранжманите за емисиите на јаглерод диоксид, сепак во текот на преговорите за членство ќе мора да се прилагодуваме кон тие обврски“, рече Заев.

Тој исто така најави и повеќе инвестиции во обновливите извори на енергија – очекува успешен процес за Чебрен и Галиште што ќе се види на 28 декември кога се отвораат понудите.

Директорот Ковачевски рече дека Блок 1 од РЕК „Битола“ ќе се затвори во наредните пет години, но сепак енергетската транзиција не може да се направи преку ноќ имајќи предвид дека комбинатот е најголем производител на електрична енергија во нашата држава, произведува 75 отсто од енергијата.

„Ние планираме во наредните години еден по еден од блоковите да се затвораат. Во првите пет години ќе биде затворен Блокот 1 кој што не е модернизиран и во него се инвестира најмалку. Меѓутоа Блок 2 и Блок 3 мора да работат во наредните десетина години“, рече Ковачевски додавајќи дека токму затоа во претходните две-три години се инвестирало во модернизација и во ремонти во тие блокови за да има сигурно и стабилно производство на електрична енергија.

Тој објасни дека во наредниот период ќе треба да се применат еколошките мерки во овие два блока на термоцентралата затоа што ќе работат 10-15 години, односно, како што нагласи „толку колку ќе ни дозволат европските регулативи“.

„Европската енергетска заедница ја издвои нашата држава во овој дел на Европа во делот на енергетските транзиции или трансформации. Прв проект е затворањето на РЕК ‘Осломеј’ и преминување од производство на јаглен на производство на енергија од сонце“, рече Ковачевски.

Понатаму, како што додаде, тоа ќе се прави и во Битола, со отворање нова гасна централа, за почеток првата која ќе биде со јачина до 250 мегавати и ќе го замени производството на Блок 1.

„Продолжуваме и со инвестиции во фотоволтаици во кругот на РЕК ‘Битола’ и во кругот на хидроелектраните, посебно во ‘Тиквеш’ каде што имаме можност за дополнителни инвестирања на 100 мегавати фотоволтаици, како и во ветерни паркови кои што треба да ги завршиме. Ветерниот парк во Богданци кој што е со јачина од 36 мегавати, а со дополнителна инвестиција од 14 мегавати ќе го заокружиме проектот на 50 мегавати ветерен парк во Богданци. Следната фаза е новиот ветерен парк од 50 мегавати во Миравци“, рече Ковачевски.

Тој очекува дека со инвестициите во обновливите извори на енергија, како во фотоволтаиците, во хидроелектраните, како ревитализација на постојните така и нови проекти, потоа во ветерните паркови и гасификацијата која што е надежна за производство на енергија, ќе се покрие побарувачката и ќе се задоволи производството на енергија, и на тој начин конечно ќе се стави крај на производство на енергија од нееколошки горива.

Преземено од Независен Весник