Зголемен бројот на смртни случаи за над 70 %, само минатата недела евидентирани 84 смртни случаи

0
68

Министерството за здравство информира дека според извештајот на Институтот за јавно здравје, ИЈЗ, во периодот од 19 до 25 октомври годинава, пријавени се 84 смртни случаи од 24 градови, што е зголемување од 71,4 отсто во однос на една недела претходно.

При тоа, 66 лица биле над 60 години, 13 лица на возраст од 50 до 59 години, 3 смртни случаи се пријавени од возрасната група од 40 до 49 години и двајца биле на возраст од 30 до 39 години. Од смртните случаи, епидемиолошки се истражени 45 или 53,6 отсто.

Тестирани се вкупно 13.993 материјали во лабораториите за тестирање за присуство на ковид-19, што е зголемување од 5,9 отсто, во однос на една недела претходно. Регистрирани сe 3.410 нови позитивни случаи од 35 градови во државата, што е зголемување од 27,4 отсто, во однос на претходната недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (48,5 отсто), каде е забележани и највисока неделна инциденца (новозаразени)- 267,8/100.000.

Во наведениот период, процентот на позитивни лица од тестираните, изнесува 24 отсто. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, а најзастапена е возрасната група на лица на возраст 30 до 39 години (22 отсто). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од над 60 години (19,7 отсто), потоа од 40 до 49 години (18,5 отсто), од 50 до 59 години (17,4 отсто) и од 20 до 29 години процентот на позитивни изнесува 15,8 отсто. Најмал број позитивни е регистриран кај децата од 0 до 9 години (2,1 отсто) и кај оние од 10 до 19 години (4,4 отсто).

Во однос на полот, пријавени се 49,7 отсто лица од женски и 50,3 отсто од машки пол. Од случаите, епидемиолошки се истражени 555 или 16,3 отсто. По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 1.566 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е 477 повеќе во однос на минатата недела.