Зошто Трамп излезе толку брзо од болница?

0
111

Американскиот претседател Доналд Трамп беше хоспитализиран во болницата „Волтер Рид“ во петокот навечер поради COVID-19, a беше пуштен од болница вчера, по само три дена лечење. Како и зошто?

Дилема е дали неговото излегување е одлука на лекарите или негова лична одлука. Две работи го сугерираат второто. Прво, Трамп во понеделникот сам најави на Twitter дека излегува од болница пред лекарите да ја објават оваа вест.

„Во 18:30 излегувам од одличната болница Волтер Рид. Се чувствувам многу добро. Не се плашете од COVID-19. Не дозволувајте да управува со вашиот живот. Под администрацијата на Трамп развивме одлични лекови и стекнавме одлични знаења. Се чувствувам подобро отколку пред 20 години”, напиша Трамп на Twitter.

„Се враќаме на работа. Како ваш лидер, морав да го направам тоа. Знам дека постои опасност, но морав. Сега сум подобар и можеби сум имун, не знам. Но, не дозволувајте коронавирусот да доминира со вашите животи”, изјави Трамп во видео порака која ја сними и објави по повод излегувањето од болница.

Трамп смета дека морал да ја напушти болницата како „вистински водач”, а дека доколку останел ќе испаднел „слабак”
Според вест која ја објави CNN повикувајќи се на добро упатени извори, Трамп барал да го пуштат од болница уште во неделата, бидејќи сметал дека вистински водач не би останал во болница и бил загрижен дека изгледа како слабак ако е во болница.
Сепак, Трамп во Белата куќа ќе биде опкружен со лекарска нега од светска класа 24 часа дневно.

Трамп добил дури три лекови, од кои два се експериментални: ремдесивир антивирусниот лек за ебола кој покажа ветувачки резултати против COVID-19, експериментален коктел на антитела на компенијата Regeneron за лечење на COVID-19 кој уште е во трета фаза на клинички испитувања и дексаметазон, противвоспалителен кортикостероид кој е единствен од овие три лекови докажано корисен кај тешки случаи на COVID-19, односно кај пациенти кои имаат тешкотии со дишењето.