Иран пријави нов рекорд од над 6.000 коронаинфекции во еден ден

0
67

Иранските здравствени власти објавија во петокот дека забележале повеќе од шести илјади нови случаи на зараза со коронавирусот во последните 24 часа, што претставува нов рекорден показател на дневно ниво.

Портпаролката на министерството за здравство, Сима Садат Лари, изјави дека во последното деноноќие се потврдени 6.124 нови случаи на заразата и нови 335 смртни исходи како последица од Covid-19.

Иран во средата го објави претходниот рекорд на дневни нови коронаинфекции од 5.616 лица.

Севкупно, од почетокот на епидемијата во земјата досега се потврдени заразите кај 556.891 лице од кои 446.685 пациенти оздравеле или се отпуштени од болниците, а бројот на смртните исходи изнесува 31.985.

Во моментов во земјата која има 82-милионско население дури 4.933 пациенти со Covid-19 се во критична состојба и се лекуваат на единиците за интензивна нега, додаде портпаролката. Садат Лари прецизираше дека иранските здравствени власти досега тестирале на коронавирусот 4.658.727 свои граѓани.

Дневниот број смртни случаи е во пораст од почетокот на септември, а последниот „црн рекорд“ беше забележан во понеделникот со 337 починати во 24 часа во Иран, која е најпогодената земја од коронавирусот на Блискиот исток.

Според портпаролката Садат Лари, која ја цитира државната новинска агенција Irna, во моментов 27 од 31 ирански покраини се во ткн „црвена зона“.

Во обидот да се запре ширењето на коронавирусот, владата во Техеран пролетта одреди строги рестриктивни мерки, но никогаш не беше воведена мерката општ карантин. Дел од мерките беа укинати по примерот на другите земји во светот, со цел да се поттикне иранската економија, која и онака е погодена од американските санкции. Во моментов носењето заштитни маски е задолжително и на отворените простори во целата земја.