Македонија е во црвената зона на ризик од Ковид-19 според критериумите на ЕУ усогласени денеска

0
111

Во ЕУ денеска ги усогласија критериумите за обележување на регионите според бројот на коронавирус инфекции на 100.000 жители и процентот на позитивни меѓу тестираните, со цел да се олесни движењето на луѓето во пандемијата.
Постигнат е договор за тоа кои региони ќе се означат за зелена, портокалова или црвена зона, според заеднички критериуми. Боите ќе се одредуваат според ажурираните податоци објавени неделно од Европскиот центар за контрола и превенција на болести.

Црвената зона значи дека има 50 или повеќе заразени на 100.000 жители и повеќе од четири проценти позитивни за Ковид-19 при тестирање.

Во Македонија во последните седум дена е забележан 1.791 нов случај, а со тоа бројот на заразени на 100.000 жители изнесува околу 90, а процентот на позитивните тестови во изминатата недела се движеше меѓу 12 и 15 отсто.

Со ваквата статистика, земјата би се нашла во црвената група според критериумите на ЕУ, а таму би биле и повеќето други држави од Балканот, но и многу од земјите-членки на самата Европска унија.

Портокаловата боја во критериумите на ЕУ ќе означи области каде што бројот на заразени на 100.000 жители е помал од 50 и позитивната стапка на тестот е четири или повеќе проценти, или ако бројот на заразени варира помеѓу 25 и 150 случаи, но позитивната стапка на тестот е под четири проценти.

Региони со помалку од 25 заразени на сто илјади жители за 14 дена и каде процентот на позитивно на тестирање е под четири проценти ќе биде обележан со зелена боја.

Земја-членка што предвидува воведување рестриктивни мерки на патниците кои доаѓаат или патуваат во некоја област ќе треба да ја извести таа земја најмалку 48 часа пред стапувањето во сила на новата мерка.

Новите критериуми треба да помогнат да се стави крај на сегашната хаотична ситуација која е предизвикана од тоа што различни земји, различно ги дефинираат зоните. Договорените упатства треба да бидат потврдени следната недела на министерско ниво.