Одобрени ни се 800.000 вакцини против ковид-19, се очекуваат на почетокот на следната година

0
115

Во истиот момент кога ќе ја добијат вакцината најразвиените земји, ќе ја добиеме и ние, но засега сè уште не се знае дали тоа ќе биде на крајот на оваа или на почетокот на идната година, велат за „Мета.мк“ од Министерството за здравство.

На вчерашната владина седница беше усвоена информација за склучување договор за преземени обврски (обврзувачки договор), помеѓу Владата и Глобалниот сојуз за вакцини – ГАВИ (GAVI ALLIANCE), за набавка на вакцини за ковид-19 преку „Ковакс“ механизмот за обезбедување глобален и рамномерен пристап до безбедни и ефективни вакцини против ковид-19.

– На седница на Влада се утврди договорот за набавка на вакцини преку „Ковакс“ механизмот кој обезбедува глобален и рамномерен пристап до безбедни и ефективни вакцини, потврдени и регулирани од Светската здравствена организација. Бирото за јавни набавки треба да предложи најсоодветен начин за остварување на оваа набавка. Во координација со Министерството за финансии и Генералниот секретаријат на Владата треба да се обезбедат потребните пари за да се изврши уплата на аванс и да се обезбеди финансиска гаранција согласно потпишаниот Договор за преземени обврски со Глобалниот сојуз за вакцини – информираат во министерството.

Станува збор за набавка на вакцина која ќе биде доволна за имунизација од ковид-19 на 20 отсто од населението, односно, според препораката на комитетот за имунизација, се предвидуваат по две дози од вакцината за едно лице.

– Тоа се 800.000 дози за кои веќе аплициравме и нашите количини се одобрени, велат од Министерството за здравство.

Оттаму додаваат дека првата вакцина која ќе биде одобрена на пазарот, ќе биде еднакво дистрибуирана помеѓу сите земји членки коишто аплицирале преку „Ковакс“ механизмот.

– Во истиот момент кога ќе ја добијат вакцината најразвиените земји, ќе ја добиеме и ние, а сè уште не се знае дали тоа ќе биде на крајот на оваа година или на почетокот на другата – велат од МЗ.

ИЗВОР МЕТА.МК