Партиите се расправаат, болниците се полнат

0
78

Се води битка за болнички легла, за реадаптација на болнички одделенија, се бара начин да се надополни медицинскиот кадар кој недостига, се зголемуваат и термините, и бројот на тестови за Ковид-19. Дали тоа ќе биде доволно? Дека билансите со Ковид-19 се влошуваат, вчера предупреди и министерот за здравство, Венко Филипче.

„Состојбата со вирусот е исклучително сериозна и критична, а притисокот врз болниците и медицинскиот кадар е огромен. Есенскиот бран на вирусот ‘коси’ низ цела Европа и светот, никој не е поштеден. Молам да се сфати многу сериозно дека од секој еден од нас зависи како ќе го надминеме овој бран. Очекувам итно и по скратена постапка да се донесат сите мерки и законски измени. Повикувам на максимална одговорност на секој поединец и почитување на сите мерки за заштита“, порача министерот.

Пораката уследи по вчерашниот најголем број на починати, кога 22 пациенти ја изгубија битката со Ковид-19. Регистрирани беа рекордни 30% позитивни од тестираните лица, во време кога 596 пациенти се хоспитализирани на инфективните одделенија во земјата, од кои еден е на респиратор, а 97 на кислородна поддршка.