Се остварија ли прогнозите на владата за успешноста на мерката викенд без ДДВ

0
90

Успеа ли Викендот без ДДВ? Според прелиминарните податоци на Управата за јавни приходи, од петокот до вчера согласно скенираните фискални, бил направен промет од 8,5 милиони евра. Повратот за граѓаните за купените македонски производи и услуги и компјутерска опрема ќе изнесува нешто над милион евра.

 

Овие бројки се многу пониски од проекциите на Владата според кои во викендот без ДДВ требаше да се оствари промет од 170 милиони евра, а граѓаните да добијат назад 17 милиони евра.

 

Сепак, од УЈП оставаат простор, бројките да се сменат до четврток на полноќ кога истекува рокот за скенирање на сметките од претходниот викенд.

 

„Очекуваме измени до завршување на рокот за скенирање на фискалните сметки. Фискалните сметки од ,,Викендот без ДДВ,, се скенираат во рок од 3 дена по издавањето на сметката, тоа значи дека сметките издадени на 10-ти октомври може да ги скенираат заклучно со денес, сметките од 11-ти октомври се скенираат заклучно со утре односно 14.10.2020 година и сметките издадени на 12-ти октомври се скенираат заклучно со 15-ти октомври“, стои во дописот од УЈП.

 

Целта на Владата преку проектот Викенд без ДДВ беше да се поттикне потрошувачката, а со тоа и производството на македонски производи, а парите преку поврат на данокот да се вратат кај граѓаните. Бројките покажуваат дека во периодот од 10 до 12 октомври прометот со домашни стоки и услуги бил двојно поголем од претходниот викенд односно од 7 до 9 октомври.

 

Парите на граѓаните кои пазареа викендот ќе им бидат исплатени до крајот на месецов.