СЗО:Ремдесивир не помага во лекувањето на коронавирусот

0
84

Студиите спроведени со употреба на овие лекови на 11.000 пациенти во повеќе од 30 земји покажале, врз основа на студиите за ефикасноста на терапијата врз вкупната смртност, прибегнувањето кон респиратор и должината на престојот во болница кај хоспитализираните пациенти, дека имало малку или никакви резултати во лекувањето на пациенти со ковид-19.

Ремдесивир, лек развиен од американската фармацевтска компанија Гилеад, беше еден од најраните терапии во третманот на ковид-19. Првенствено е наменет за третман на хепатитис Ц и респираторен синцицијален вирус, а проучен е неговиот ефект во третманот на ебола, но во овој случај не покажал ефикасност.

Испитувањето на случајни примероци на овие лекови било спроведено во 405 болници во 30 земји, а во студијата биле вклучени 11.266 пациенти.

Приближно 2.750 лица примиле Ремдесивир, 954 хидроксихлорокин, 1.411 лопинавир, 651 интерферон и лопинавир, само 1.412 интерферон и 4.088 не примиле ниту еден лек наведен во студијата.

И покрај прегледот на неговата ефикасност, Ремдесивир е првиот лек што доби одобрение од ЕУ за третман на тешки случаи на болеста предизвикана од коронавирус. Европската комисија овој месец објави договор за обезбедување дополнителни залихи на овој антивирусен лек за 500.000 пациенти.

Гилеад смета дека „податоците не се детално анализирани“ и тврди дека „не може да се донесе никаков објективен заклучок за ефективноста на Ремдесивир“.

„Податоците на СЗО изгледаат неконзистентни и предвремени, бидејќи резултатите од неколку рандомизирани, помали и контролирани студии објавени во рецензирани списанија ја потврдија клиничката корист од Ремдесивир“, соопшти Гилеад за Ројтерс.

Ремдесивир беше одобрен и од Управата за храна и лекови на САД на 1 мај, а лекот оттогаш добил регулаторно одобрување во неколку други земји.

Главниот научник на СЗО, Соума Сваминанатан, неделава изјави дека Агенцијата за здравство на Обединетите нации сега разгледува други, нови опции за лекување на ковид-19, како што се моноклонални антитела, имуномодулаторна терапија и некои понови антивирусни лекови.

Моноклоналните антитела, кои ги прими американскиот претседател Доналд Трамп за време на третманот со ковид-19, ги развива „Регенерон фармацеутикалс“.

Иако дексаметазонот не бил вклучен во студијата на СЗО, една британска студија покажа дека ја намалува стапката на смртност кај хоспитализираните пациенти со ковид-19.