Скопските пожарникари решение ќе бараат пред Владата

0
103

Скопските пожарникари ќe се откажат од намерата да протрестираат пред бараките на Град Скопје, доколку скопскиот градоначалник, Петре Шилегов не им одговори писмено, или барем усно дека не е во состојба законски да го реши проблемот околу пресметката на нивните плати, односно исплатата на додатокот за опасност при работа, како што им ветил на вчерашната средба. Тие, како што велат се во очекување да примат писмено признание за да го изложат проблемот на повисоко ниво, поточно пред Владата.

-Тој во вторникот ни рече дека веднаш писмено ќе ни одговори. Но, тој еве ниту писмено, ниту усно ништо не ни кажа. Нашето барање е архивирано, му го однесовме, за да можеме легално да си го бараме патот до повисоките институции-вели Дејан Исаевски, член на Иницијативниот одбор, претставник од третата чета во Бригадата за противпожарна заштита на град Скопје.

Тој додаде дека нема ефект да се протестира, кога нема решение и најави дека наредната недела планираат да протестираат пред Владата.

-Членовите на Иницијативниот одбор ќе се договориме како ќе настапиме понатаму. Дали ќе протестираме само скопските пожарникари или ќе ни се приклучат и пожарникатрите од другите градови, односно од цела држава кој го имаат истиот проблем и имаме поддршка од нив. Треба голема организација и затоа протестот би бил наредната недела-истакна Исаевски.

Инаку, Шилегов на прес конференцијата по вчерашната средба со пожарникарите изјави дека овој проблем е стар повеќе од 15 години и дека е мапиран и лоциран, а направена е работна група и се вршат измени во Законот за пожарникарство, кои треба да стапат на сила во јуни 2021 година, каде што дел од барањата што ги имаат пожарникарите ќе добијат законски основ.

-Во меѓувреме секој од пожарникарите, по своите поединечни тужби ги добива надоместоците, односно Градот им ја врши исплатата – потенцираше Шилегов.

Тој им понуди помош и медијација за да се забрза тој процес или да има законски основ да се исплаќаат, за пожарникарите да не бидат оштетени додека стапи на сила Законот.