Чешка подигнува импровизирани болници, рекордни бројки ковид-позитивни во Полска и Словачка

0
93

Чешка ќе започне со подигнување импровизирани објекти за сместување на пациентите надвор од болниците поради зголемениот раст на бројот на заразените со коронавирусот последниот период, додека во соседна Словачка и во Полска се забележани рекордни бројки новозаразени во еден ден.

Чешкиот министер за внатрешни работи Јан Хамачек во четвртокот за новинската агенција ČTK рече дека војската во главниот град Прага ќе започне во сабота да подигнува импровизирани болници со 500 болнички кревети.

Бројот на заразените со коронавирусот во Чешка речиси се удвои во октомври, па оваа земја со 10,7 милиони жители има вкупно досега заразени 139.290 лица. Во последното деноноќие регистриани 9.544 нови зарази, што е најголем број заразени во еден ден.

Чешкиот премиер Андреј Бабиш изјави за новинарите дека е потребно да се градат дополнителни болнички капацитети, како и дека државата ќе купи 4.000 болнички кревети. „Немаме време, изгледите не се добри. Овие бројки се катастрофални“, рече Бабиш.

Бројот на хоспитализираните се зголемил за 161 отсто во октомври на 2.678, додека 518 пациенти со Covid-19 се на одделите за интензвина нега. Бројот на хоспитализираните е шест пати поголем отколку во текот на пикот во првиот бран на епидемијата. Бројот на починатите се зголемил за 75 отсто овој месец, на вкупно 1.172 починати.

Поради тоа, болниците ги пренаменуваат општите оддели за коронавирусот, додека се откажани повеќето посети во болниците за кои се смета дека не се неопходни. Претходно седмицава владата ги затвори баровите, рестораните и клубовите, додека наставата се одвива онлајн.

Во Полска бројот на новозаразените првпат беше повисок од осум илјади во четвртокот, со што втор ден по ред се бележи рекорден број новозаразени. Бројот на заразените во четвртокот бил 24 отсто повисок отколку претходниот ден, според последните податоци на министерството за здравство.

Во земјата со 38 милиони жители од почетокот на епидемијата се регистрирани 149.903 случаи на заразата, додека 3.308 лица починале од компликации предизвикани од коронавирусот.

Шефот на кабинетот на премиерот Михал Дворчик за телевизијата TVN24 изјави дека може да се очекува „значителен“ раст на бројот на заразените уште „одреден период“.

Портапролот на владата, Пјотр Милер, изјави за јавното радио PR1 дека веројатно ќе бидат воведени нови рестрикции подоцна во четвртокот, но само во некои области од Полска. „Нема да бидат сеопфатни како пролетва. Можни се ограничувања на бројот лица присутни на едно место“, додаде. Заменикот министер за здравство, Валдемар Краска, за радиото PR24 рече дека во повеќето големи полски градови во четвртокот ќе бидат прогласени за „црвени зони“ со највисоко ниво на рестрикции.

Словачка, пак, во червтокот имаше 1.929 нови случаи на зараза, што е најголем број дневни коронаинфекции од почетокот на епидемијата. Земјата со 5,5 милиони жители досега регистрираше 24.225 заразени, а со новите пет смрти исходи досега вкупно има 71 смртен исход од Covid-19.

Словачка во првиот бран на пандемијата имаше малку заразени во споредба со другите европски земји, благодарејќи на тоа што меѓу првите беше која ги воведе рестриктивните епидемиолошки мери. Меѓутоа, последните месеци забрзано расте бројот на заразите, како и во другите земји на континентот.