Човечка судбина – Живее во руинирана барака без прозорци и покрив кој прокиснува. Нема ниту струја ниту вода, ниту пак пари за храна и лекови

0
83

Тетовецот Славчо Блажевски веќе една година живее во руинирана барака во Тетово без прозорци колку да има покрив над глава, но и тој прокиснува. Во објектот нема ниту струја ниту вода. Зема само социјална помош, што не е доволно за храна, а камоли за терапија која ја прима за повеќе болести. Бара од државата и хуманите да му обезбедат основни услови за живот и одржување на лична хигиена, која е најпотребна во време на пандемија.

ВО руинирана просторија од десетина квадрати каде и влагата му е голем непријател, веќе една година живее Славчо Блажевски, социјален случај без семејство. Бара од хуманите, но и од државата да помогнат, за да се обезбедат основни услови за живот во бараката.

Бараката е во сопственост на АД за стопанисување со станбен и деловен простор. Оттаму велат дека Блажевски живеел под ведро небо, затоа одлучиле да го сместат во оваа барака, за која како што потенцираа ќе изнајдат начин да ја реконструираат.

Славчо има кревко здравје и е со повеќе дијагнози.Нозете му се со рани. Вели дијабетот си го прави своето. Пари за терапија, барем да ја ублажи здравствената состојба нема.

Колк можеме му помагаме, велат неговите соседи. И тие апелираа властите да обезбедат достојни услови за живот за оваа категорија граѓани, за да не ни се повторуваат трагедии како во минатото.

Славчо Блажевски во 2018 излезе од затворот Идризово, но низ се што помина овие години, како што вели подобро ќе беше да останеше таму.

Беше пуштен на слобода, но немаше каде да живее. Неколку месеци спиеше по паркови, потоа социјалните служби го сместија во Чичино Село, каде како што вели доживувал тортура од неговите цимери, за на крај да заврши во болница откако бил избоден во грб.

Се вратил во својот роден град Тетово, и повторно под ведро небо. Се надева дека еден ден неговиот апел ќе стигне до надлежните, а оваа барака ќе биде негово достојно место за живот и топол дом.

ИЗВОР МТВ