ЌЕ ИМА ЛИ НОВ ДОГОВОР СО БУГАРИЈА

0
77

Премиерот Зоран Заев не ја коментира конкретно изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за нов договор со Бугарија, а министерот за надворешни Бујар Османи вели нема нов договор. Во меѓувреме, заедничката македонско-бугарска комисија по подoлга пауза се подготвува за дводневна средба.

Ден пред средбата на заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања на политичко ниво се отвори дебата за евентуален нов договор со Бугарија, кој според опозицискиот лидер Христијан Мицкоски ќе бара и уставни измени. Тој го повика македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи да каже дали со неговата колешка Екатерина Захариева во Софија разговарале за нов договор со кој со уставни измени ќе се дефинира постоењето на македонската нација и јазик од 1945 наваму. Премиерот Зоран Заев денеска не коментираше конкретно за ваквата изјава на Мицкоски.

„Тоа што го спомна господинот Мицкоски, не знам на што точно мисли, но ние имаме разговори, мора да ги дадеш формулациите со кои се разговара, јас не би ги коментирал. Одговорни сме, сакаме договори, земјата да ни оди напред и ги даваме сите максимални напори и посветеност, позитивни апсирации, внимание, пријателство, дух, за да ги постигнеме договорите. Секако, она што е најважно за нас е да ги заштитиме максимално нашите интереси, но водејќи грижа и за интересите на бугарската страна“, рече Заев, повторувајќи дека ако Бугарија остане на истите ставови јавноста треба да се подготви дека меѓувладината конференција со ЕУ нема да се одржи во декември.