Заев: Фашизмот нема етничка боја, не заборавајте дека и во Македонија имаше соработници

0
76

Премиерот Заев жали за негативните реакции по вчерашното интервју за Бгнес, но нема намера да се повлече од политика на помирување со Бугарија. Тој денеска порача дека и двата народа, македонскиот и бугарскиот, треба да се соочат со историските прашања и да развијат и капацитет за разбирање и за простување.
„Тоа е мојата најдобра намера и таа намера постојано ќе ја застапувам додека постои и најмала шанса за решенија и за успех на нашиот процес за членство во ЕУ со старт на преговорите”, рече Заев алудирајќи на тековните преговори со Софија за отстранување на бугарската блокада во ЕУ.
За Заев нема дилема дека македонската државност „почива на делата на антифашизмот”.

-повеќе на темата: Пендаровски за ДВ: Спорот со Бугарија може да се реши само ако се почитува достоинството на македонскиот народ

„Нашата слобода е резултат на антифашизмот. Македонскиот народ ја оствари својата сувереност во АВНОЈ-ска Југославија и го оствари својот вековен идеал за своја држава со АСНОМ-ска Македонија. АСНОМ е историска потврда на нашиот македонски јазик и нашиот македонски идентитет. Но, давањето етнички карактеристики на фашизмот е неприфатливо. Дали било тоа во бугарски или било кој друг контекст“, порача Заев.

Мотото на Заев во актуелниот историски спор со Бугарија е „Да не заборавиме, но да простиме“. Тој потсетува дека и во Македонија во периодот на Втората светска војна имало соработници на фашизмот, па тоа не го квалификува целиот народ како „фашистички“.

-повеќе на темата: Историчари од македонско-бугарската комисија се оградуваат од „историскиот ревизионизам“ на Заев

„Никој не ги прашал бугарите на референдум, ниту ги прашал каква е нивната определба за да можеме денеска да ја оквалификуваме цела Бугарија како фашистичка. Зарем заборавивме дека и во Македонија имаше соработници на фашистите. Тоа не не прави сите фашисти“, вели Заев.

Прашан дали очекува неговото интервју да смени нешто во односот на Софија, Заев вели дека тоа е работа на тамошната влада.
„Не знам дали ќе помогне интервјуто за да се тргне ветото од Бугарија, но сакам да му помогнам на мојот народ за да има други погледи на светот. Да бидам одговорен политичар кој не калкулира со својата кариера туку отвора перспективи за својот народ“, рече Заев на прес-конференција во близина на автопатот Крива Паланка – Деве Баир.

Дојче Веле