Костовски до СДСМ: Економијата во Македонија ја уништивте, да дојде и економскиот апарат на Германија кај нас тешко ќе се снајде со ситуацијата

Од редовите на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“, пратеникот Дарко Костовски на собраниската седница посочи дека владата ужасно се справува со економските предизвици, а за тоа говори и дефицитот на Буџетот кој што сега во овој ребаланс се зголемува за рекордни 8.4% и е највисок од 1994-тата година.

„Дополнителните одлуки за измена на Буџетот како и на страна на приходите, така и на страната на расходите т.е. овие измени во текот на буџетската година се вика ребаланс на Буџетот, тоа е на сите јасно. Во економска смисла на кусо тоа е ребаланс на Буџет. Меѓутоа во политичка смисла, во суштинска смисла ребалансот на Буџетот значи балансирање на актуелните политички токови, балансирање со вметнување на нови политики кои што секако зависат од државниот Буџет“, истакна Костовски.

Костовски додаде дека оваа власт предводена од СДСМ и ДУИ не може да ја избалансира апсолутно никој. Оваа власт е надвор од баланс уште пред три години. Кулминацијата ја достигнуваат сега во ова време и овие неколку месеци кои што се пред нас.

„Владата на Република Македонија во економска смисла е во таков дизбаланс, што и да се случи чудо економскиот апарат на Германија да се пресели кај нас тешко ќе се снајде со ситуацијата“, нагласи Костовски.

Костовски посочи дека е свесен дека во моментов сите граѓани живеат со светска пандемија, оваа состојба влијае можеби највеќе врз економијата. Најмалку сака од оваа состојба да се печалат политички поени, но нема да остане нем на слабостите на власта.

„Оваа власт има толку многу слабости што мора за жал да издвои само неколку, т.е. најкрупните. Исто така сметам дека треба да се истакнат сите маки со кои што народот се соочува. Не верувам дека нешто власта ќе поправи. Според ДЗС индустриското производство за една година бележи пад од 4.1%, гледано по сектори најголем пад има во секторот за снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација со рекордни 13.2%. А, тоа е суштински удел во градењето на БДП. Очигледно е дека економијата не се движи во добар правец, а за тоа виновна е власта“, рече Костовски.

Костовски додаде дека власта најавуваше дека оваа година ќе е година на економскиот раст но таа за жал ниту дојде, ниту ребалансот ќе помогне во градење на подобар економски раст.