Водата во Тетово со променет вкус и мирис, од Центар за јавно здравје Тетово велат дека е безбедна за пиење

0
80

Се повторува ситуацијата во есенскиот период водата во Тетово да добие невообичаен вкус и мирис. Од Центарот за јавно здравје Тетово потенцираат дека сепак нема потреба граѓаните да стравуваат за ваквата состојбата затоа што изминатите години се утврдило дека нема пореметувања на параметрите за безбедна вода. Бактериолошки и хемиско-физички водата е исправна за пиење и сега.

-Со оваа појава се среќаваме веќе трета година и тоа токму во овој период од годината. Уште при првата појава, во 2017 година, напраивме испитување во кое е утврдено дека непријатниот мирис и вкус доаѓа од вегетацијата, осносно најмногу од лисјата од дрвата што паѓаат во зафатот на водата кај месноста Лешница. Притоа доаѓа до нивно распаѓање кое ги создава непријатниот вкус и мирис. Ние секојдневно вршиме контрола на квалитетот на водата во градскиот водовод и таа, и покрај овој непријатен мирис и вкус, биолошки и хемиски е сосем исправна за пиење, истакна д-р Ратко Давидовски специјалист по хигиена и здравствена екологија.

Центарот дал препораки до Јавното комунално претријатие за надминување на состојбата.

-Деновиве го засиливме хлорирањето на водата, а од нашето досегашно искуство, може да кажеме дека оваа појава ќе исчезне за некој ден. Сепак, уште еднаш повторувам водата во градскиот водовод и покрај ова е целосно исправна за пиење. Ова не е случај само кај нас, светската теорија и пракса, која се однесува на користење на површински води, а таков случај е и со реката Пена од каде се зема водата, потенцира д-р Давидовски.

Озонирање или користење на јагленов филтер е можноста да се отстрани непријатниот мирис и вкус.

Тв21