Во Атина се отвори првата џамија

0
106

Отворена е првата џамија во Атина по долго одложување, објави Асошиејтед Прес.

Проектот за изградба на џамија во Атина траеше 14 години и постојано беше попречуван од протести, политички спорови и одложувања во претежно православната земја. Парламентот конечно ја одобри изградбата во август 2016 година.

Џамијата, лоцирана во претежно индустриската област во главниот град, сега обезбедува официјално место за верски активности за муслиманската заедница во Атина, која главно се состои од мигранти и посетители. Досега, заедницата користеше неформални простории за молитви лоцирани во напуштени магацини, што понекогаш предизвикуваше тензии и протести.

Припадниците на муслиманската заедница велат дека новата џамија, иако е далеку од совршена, сепак е добар почеток.

“За сето ова време се молевме во напуштени магацини. Ова е одличен ден за нас”, рече Ана Стаму, портпарол на Здружението на муслимани во Грција. Таа вели дека џамијата има „многу недостатоци и проблеми што треба да се решат“, вклучително и мал капацитет, „но ова е многу солиден почеток“.

Стаму рече дека муслиманската заедница во Атина брои околу половина милион и дека новата џамија има капацитет од само 300 мажи и 50 жени. „Нема да им служи на сите, го знаеме тоа, но сепак е добар почеток“, рече таа.