Кавадарци завиено во црно: Браќата кои растеа без мајка, починаа за три дена од Ковид-19

0
188

Кавадарци е завиено во тага. Жали по двајцата браќа кои животот го изгубија поради коронавирусот. Денеска беше објавено дека почина 21-годишното момче од Кавадарци, позитивно на корона вирус, чиј постар брат, на возраст од 26 години исто така почина од последици од Ковид-19 пред три дена. Со ова семејството Ѓерѓеви, за кратко време остана без двајцата синови и браќа.

Имено, момчињата растеле заедно со нивниот постар брат и таткото, а мајка им починала млада, на околу 40 годишна возраст. Биле чесни луѓе и ценети граѓани.

Според информации од болницата од Кавадарци, момчињата имале апластична анемија и спаѓале во високо ризичните групи. Сепак заразувањето со корона вирусот за двајцата било фатално.

Постариот брат, Марјан, бил донесен во тешка состојба во кавадаречката болница на 25-ти октомври, по што бил стабилизиран и по само еден час бил препратен на клиника во Скопје, каде починал.

Помладиот брат, Горан, бил хоспитализиран на ковид одделот наредниот ден, бил во стабилна состојба, по што по околу 24 часа нагло му се влошила состојбата. И тој бил итно транспортиран на клиника во Скопје, каде почина.