Одложена дискусијата за Македонија во ЕУ, се дава можност за договор меѓу Скопје и Софија

0
72

Неколкуте останати денови за конечна одлука дали Софија ќе го блокира македонскиот пат кон ЕУ ги вжештија телефонските линии Софија-Берлин-Скопје, но се уште останува неизвесно каков ќе биде исходот.

Постојаните претставници во Брисел на земјите членки на Европската унија расправата за преговарачката рамка за Северна Македонија ја одложија за в петок, дознава Радио Слободна Европа од дипломатски извори во Брисел. Имено, КОРЕПЕР, како што скратено се нарекува Kомитетот на амбасадори на земјите членки на унијата кој вообичаено ги подготвува одлуките за министрите, требаше денеска да расправа за можноста за отворање на пристапните преговори со земјава.

Меѓутоа одлуката за одложување, како што се дознава, е донесена за да се овозможи простор за дипломатски напори кои се водат на релација Берлин-Софија за да се убеди бугарската страна да не го блокира отворањето на преговорите со Скопје.

Берлин ангажиран, Софија се уште на стари позиции
Петок е последниот ден до кој би требало да се приближат ставовите, бидејќи министрите треба да се состанат наредниот вторник, десетти ноември и тогаш би требало формално да се усвои политичката одлука за отворање на пристапните преговори со земјава со тоа што меѓународната конференција би се одржала во декември, во рамки на германското претседавање со унијата.

Во меѓувреме, течат дипломатските напори кои ги води Германија, па по телефонскиот разговор со бугарскиот премиер Бојко Борисов, германската канцеларка контактира и со македонскиот премиер Зоран Заев. И германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер се вклучи во разговорите па се слушна со бугарскиот и македонскиот претседател Румен Радев и Стево Пендаровски.
Засега бугарската страна се чини останува на истите позиции.

Тоа го потврди и бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева која по средбата со македонскиот колега Бујар Османи и вицепремиерот за евроинтеградии Никола Димитров рече дека има напредок но дека тие се уште не се спремни да дозволат почеток на преговори со Скопје.
Портпаролот на македонската влада Душко Арсовски пак, не кажа детали. Рече дека се одвиваат разговори на работни групи од министерствата за надворешни работи на двете земји, но како што рече „во интерес на тој процес не би требало да се изнесуваат детали“.

Став на Владата е дека нема потреба од нов договор или од анекс на Договорот за добрососедство со Бугарија, рече владиниот портпарол, нагласувајќи дека земјата го почитува договорот од 2017 година и останува на ставот дека тој е одлична рамка и нуди инструменти за да се менаџираат прашања за кои официјална Софија има некаква загриженост.

„Подготвени сме да прифатиме објаснувања во оваа насока и би упатиле апел и би го осудиле говорот на омраза во двете земји и сакаме да ги повикаме сите чинители да го поддржат овој апел и заедно да спречиме нов наплив на омраза во кој било правец, што би влијаело на какво било начин, дали на преговарачите или на Комисијата што се занимава со историските прашања“, рече портпаролот Арсовски, додавајќи дека дилемите за историските прашања треба да ги разрешат експертите од двете држави.

Она што и Захариева го истакна по средбата во Берлин е дека тие бараат некаква формулација за македонскиот јазик. Бугарија својата позиција ја изнесе во меморандумот кој летово го испрати до земјите членки на Европската унија објаснувајќи ги своите позиции, а во кои наведе дека македонскиот јазик е норма на бугарскиот. Премиерот Зоран Заев пак во интервју за телевизијата Сител рече дека „во однос на јазикот треба да продолжиме со билатералната спогодба.

„ За нас македонскиот јазик е согласно Уставот и бугарскиот јазик е согласно нивниот Устав. ЕУ го признава македонскиот јазик, го има веќе во преводите на состаноците кои се одржуваат низ европските тела и институции“, рече Заев.

Портпаролот Арсовски пак, одговарајќи на новинарско прашање рече дека веќе јасно оти македонскиот јазик и идентитетот се факти потврдени од Обединетите нации и дека Владата смета дека за ова не треба да има дилема.

Бугарија инсистира добрососедските односи да бидат во главниот кластер за ЕУ, Германија се противи
Второто прашање на кое инсистира бугарската страна е македонскиот идентитет или како што прецизираше Захариева по средбата со Османи минатиот месец во Софија дека „сега е неопходно од страна на Република Северна Македонија да се признаат историските реалности поврзани со процесот на создавање на новиот национален идентитет“.

Во меморандумот, Софија тврди дека македонскиот јазик или етничка група не постоеле до 02.08.1944 година, а дека формирањето на македонската нација е проект на Белград меѓу двете светски војни за поткопување на бугарскиот идентитет и создавање на нов „јужносрпски“ кој бил неуспешен, но потоа комунистичкиот лидер Јосип Броз Тито по Втората светска војна, форсирал друг нов идентитет, овој пат македонски. Во јавните изјави македонските политичари пак инсистираат прашањата за историјата да им се остават на историчарите од заедничката македонско бугарска комисија за историски и образовни прашања, од чија работа Софија не е задоволна, а Скопје изразува задоволство.

Во однос на македонското малцинство во Бугарија Захариева рече дека се загрижени поради непрестаните тврдења за македонско малцинство во Бугарија и дека признавањето на бугарските корени ќе стави крај на тоа. Премиерот Зоран Заев пак неодамна кога зборуваше за евентуална декларација или изјава поврзана со барањата на Софија рече дека во неа, меѓудругото треба да се потврди дека „немаме територијални претензии кон никој од соседите и кон било кој во светот и да се потврди она што е веќе заведено и во македонскиот Устав за немешањето на државата во внатрешните работи на други држави“.

Поранешниот амбасадор во НАТО Нано Ружин смета дека едно од прашањата кои може да се надминат е и инсистирањето на Бугарија да се употребува целото име на државата Република Северна Македонија, оти како што вели источниот сосед со тоа сака да се осигура дека земјава нема територијални претензии кон нив.
„Мислам дека ова прашање не е проблем, ова досие ќе се реши и тука може да се најдат дипломатски изрази за да биде надминато“, вели Ружин.

Тој смета дека прашањето за историските личности кои досега беа спорни како Гоце Делчев веќе се напушта како камен на сопнување оти како што вели тие може да се одбележуваат како наднационални личности.

Преземено од РСЕ