Пет армиски возила се отстапуваат на Брзата помош во Скопје да помагаат во пандемијата

0
79

Се зголемува учеството на Армијата во справувањето со пандемијата. Пет санитетски армиски возила се отстапуваат на Брзата помош во Скопје.

Во наредните денови, дополнителни две возила ќе им се дадат на здравствените институции во земјава, онаму каде се најпотребни.

„Овие возила ги користи Армијата и сметаме дека во овој момент треба да се насочат кон приоритет број 1 – справувањето со ковид-19, и обезбедување на поголеми можности на Брзата помош во Скопје, каде е и најголемиот притисок. Овие возила ги даваме како поддршка зашто сите ресури треба таму да ги насочиме“, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Ангажирањето на Армијата, што минатата седмица го нареди шефот на државата и врховен командант, покрај медицинска поддршка за здравствените центри, транспорт и складирање на заштитна и медицинска опрема, вклучува и активирање на единици како невооружени сили.

Засега не се планира директно вклучување и на армиски медицински персонал, иако ситуацијата, како што кажа самиот министер за здравство Венко Филипче, е критична.

„Здравствениот систем веќе неколку дена е под огромен притисок, ситуацијата навистина е критична. Сабајле имавме состанок со директорите на сите интерни клиники и разговаравме за обезбедување дополнителни болнички капацитети. Да апелирам сите да ги почитуваме мерките. Очекуваме резултати од рестриктивните мерки, верувам дека ќе нема потреба од дополнителни рестрикции, иако сме подготвени тоа да го предложиме, ако тоа се бара“, рече Филипче.

За притисокот врз здравствениот систем зборуваат и бројките – 300 медицински лица се заразени и не можат да ги извршуваат своите задачи, поради што се размислува и за вклучување на медицинските сестри од четврта година во средното медицинско училиште, како стажанти во ковид центрите.

Северна Македонија, како и остатокот од Европа, е зафатена од најсилниот бран од почетокот на пандемијата. Дневно се бројат повеќе од илјада новозаразени и десетици починати.