Поддржувачи на американскиот претседател Доналд Трамп, некои вооружени, се собираат пред центрите за броење

0
104

Тензиите се зголемуваат низ Соединетите држави, како што продолжува пребројувањето на гласачките ливчиња во неколку клучни држави, оставајќи го резултатот непознат повеќе од 24 часа по затворањето на избирачките места на претседателските избори.

Демократот Џо Бајден води пред претседателот Доналд Трамп откако доби големо засилување со клучните победи во Мичиген и Висконсин.

Со пребројувањето на гласовите во четири клучни сојузни држави – Аризона, Џорџија, Пенсилванија и Невада – што траеше во текот на ноќта, предноста на Бајден е 253 изборни гласови наспроти 214 за претседателот Доналд Трамп.

Поддржувачи на американскиот претседател Доналд Трамп, некои вооружени, се собираат пред центрите за броење на избирачките ливчиња за претседателските избори.

Во некои држави, каде што води американскиот лидер, демонстрантите бараат да се стави крај на броењето, а во други, каде заостанува – да продолжи.

Во округот Марикопа, Аризона, вооружени лица влегоа во изборен центар, додека демонстрантите се собираа надвор. Локалните медиуми јавија дека некои од демонстрантите биле вооружени.

Многумина носат капи со логото „Направи ја Америка повторно голема“ и пароли со неосновани обвинувања дека има изборни измами.