Филипче – награда за здравствените работници за нивната херојска работа

0
89

Навистина е херојска борбата и работата што ја вршите во целиот изминат период. Да се подготви и да се престрои системот за нешто за што никогаш ниту некој предвидел дека ќе се случи, ниту бил подготвен, ниту пак очекувал, а вие како и вашите колеги во сите други јавни здравствени установи тоа го направивте во исклучително краток временски период со помош таму каде е најпотребно, прераспределба на кадар за помош на докторите и сестрите кои работат на инфективното одделение и на интерното одделение пренаменето за третман на пациенти со Ковид-19 е навистина голема и херојска работа.

Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче по посетата на Општата болница во Гостивар.

Тој им честиташе на медицинските работници, им се заблагодари и укажа на тоа дека водат сметка за секој кој е вклучен во оваа битка.

– Со последниот ребаланс на буџетот се одвои значителна сума средства која ќе оди како награда, еднократна во следниот месец за сите здравствени работници кои работат со ковид пациенти, рече Филипче, кој за време на посетата на Општата болница во Гостивар беше придружуван од првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби.