Филипче: Ситуацијата во земјава е критична!

0
90

Министерот за здравство Венко Филипче вчера потврди дека во моментов здравствениот систем е под огромен притисок и оти ситуацијата е критична. Болничките капацитети во ковид-центрите во Скопје се речиси целосно исполнети. Сите интерни клиники кои беа пренаменети во ковид-центри се наполнија со пациенти. Од денеска и пет болнички возила од АРМ се ставени на располагање на здравствените работници. -Притисокот врз здравствениот систем е огромен. Се зголеми капацитетот на болничките возила, но оваа помош е и тоа како драгоцена и важна. Ситуацијата е критична во нашата земја. Очекуваме резултати од мерките што се спроведени, но нема потреба од рестрикции. Иако сме подготвени и за такво нешто, истакна Филипче. Во таа насока Комисијата за заштита од заразни болести попладнево одржува состанок на кој, меѓудругото, се дискутира за евентуално заострување на мерките меѓу кои и воведување на полициски час. -Тоа што би можело евентуално дополнително да се предложи е целосно затворање на некои економски оператори кои во овој момент функционираат и ограничување на движењето, дали во текот на попладневните или вечерните часови или за време на викенд, но според утринската координација што ја имавме сметаме дека ова не треба да се препорачува, но ја пратиме епидемиолошката ситуација и ако треба ќе носиме одлуки, рече пред средбата Филипче. Бројот на активни случаи на коронавирусот денеска ќе надмине 16.000. Загрижувачка е дневната бројка на новозаразени пациенти, но тоа што е алармантно и создава огромен страв меѓу граѓаните е високиот број на починати пациенти. Македонија, за жал, секој ден урива рекорди. Последниот е од средата вечер, кога според објавените податоци, регистрирани се 1.321 нови случаи на ковид-19 на направени 3.836 тестирања за само 24 часа, а починати беа 26 лица. Летово најкритични беа свадбите и крштевките, зимава ќе бидат семејните слави пазарите и градскиот превоз, предупредува епидемиологот Александар Стојанов во врска со трансмисијата на вирусот ковид-19 и правење на нови кластери. Тој за весникот ВЕЧЕР вели дека процентот на заразени дневно е многу висок и според бројот на тестирања изнесува околу 30 од тестираните да се позитивни, што е многу висок процент. Стојанов смета дека треба да има заострување на мерките што впрочем и неговата фела, односно епидемиолозите, одамна го заговара. -Сè уште не се прифаќа посериозно заострување на мерките, се балансира поради економијата иако ние епидемиолозите одамна заговараме заострување бидејќи здравјето на граѓаните е пред Уставот, вели д-р Стојанов за весникот ВЕЧЕР и додава дека во овие студени денови најголем проблем е да се намалат гужвите кои секојдневно ги гледаме во градскиот превоз, на пазарите, а опасност од групирања во затворен простор гледаме и во зимските слави кои се во тек. Под заострување на мерките не мора да се подразбира класичен полициски час, објаснува Стојанов. Министерството за здравство вчера информираше дека само за 24 часа, во ковид-центрите во Скопје биле примени 38 пациенти со симптоми на вирусот ковид-19. До вчераутро во 8 часот, вкупно 382 пациенти биле хоспитализирани во центри во Скопје. -Капацитетите се генерално исполнети, но слободни места има, истакнуваат од Министерството за здравство. Од министерството потенцираат дека сите нови оддели на Интерните клиники располагаат со болнички места до кои имаат довод на кислород. -Во тек е доопремување со останатата медицинска опрема која им е потребна на лекарите, а од денес покрај пулмолог и анестезиозолог, достапен за консултации на интерните клиники ќе биде и лекар анестезиолог од КАРИЛ, соопштија од Министерство за здравство.