Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, смета дека критичен момент за македонското стопанство ќе биде кога ќе почне да престанува државната помош. Во интервју за МИА, Азески вели дека како држава, не можеме да речеме дека ги преземавме најдобрите можни мерки, но не потфрливме, како и дека состојбата не е сјајна. Сепак, како што нагласува, имаме предност што во однос на јавниот долг сме во поповолна ситуација од другите земји на Балканот. Азески порачува дека владеењето на правото е клучно, а попис мора да направиме.
„Иако мислевме дека ќе има криза во ликвидноста уште летото зашто нашата економија е поставена проблематично (80 отсто од извозот е во ЕУ, а од тие 80 отсто, 70 проценти одат во Германија и тоа го прави една компанија – „Џонсон Мети“), а дополнително во услови на КОВИД имавме и избори, сепак, издржавме, како да го поминавме сето тоа. Но, сега очекуваме дека кога ќе завршат владините поддршки, ќе дојде до некои нарушувања на ликвидноста. Не може да нема последици“, вели Азески за МИА и додава дека кризата од 2008 година практично никогаш и не заврши и ова може да се смета како дел од неа.
„Кризата нема да заврши брзо, ниту се знае колку ќе трае, а и никој засега не може да предвиди. Сето тоа ги исцрпува светските ресурси и резерви, го отежнува движењето, а тоа е основа за бизнисот. Ако страда бизнисот, ќе страда и стандардот на населението, ќе страдаат развојот и инвестициите. Има предвидувања дека дел од земјите кои имаат посолидна основа, во почетокот на вториот квартал од 2021 година ќе почнат со рестрикции на државната помош и тогаш тие компании што ќе преживеат, ќе треба да го понесат главниот товар. И кај нас има такви. Во топ форма, способни да ги издржат сите предизвици и да опстанат во какви било услови се околу 300 – 500 наши компании од вкупно 90.000 регистрирани (45.000 активни од кои 90 отсто мали и средни претпријатија). Тие всушност ќе ја влечат економијата напред и ќе бидат двигатели на натамошниот развој“, вели Азески.