СДСМ: Нова помош за стопанството, трета бескаматна кредитна линија од 31 милион евра

Обезбедена е нова помош за стопанството, трета по ред бескаматна кредитна линија Ковид 3, во вредност од 31 милион евра за сите микро и мали трговски друштва, трговци поединци и занаетчии чие работење е погодено од коронавирусот, соопшти СДСМ.

„ Кредитите ќе бидат со нула камата со 3 години рок на отплата и вклучен грејс период до 6 месеци, а ќе може да се користат за набавка на основни и обртни средства заради непречено финансирање на тековните активности и потребата од обртен капитал на субјектите.

Бескаматната кредитна линија Ковид 3, е дел од голем финансиски пакет обезбеден од страна на Европската Унија.

Оваа мерка е континуитет на претходните две кредитни линии ковид 1 и ковид 2, со кои беа обезбедени бескаматни кредити во вредност од 13,5 милиони евра, за 1.376 компании, за зачувување на близу 18.000 работни места во овие компании.