Ватикан дозволи употреба на вакцини кои се произведени од клетки на абортирани фетуси

0
68

Ватикан денеска им порача на католиците дека е морално прифатливо да се користат вакцини против Ковид-19, дури иако за нивно производство се користени клетки од абортирани фетуси, пренесува „Н1“. Толкувањето на Конгрегацијата за доктрината на верата е дека ваквите вакцини се дозволени се додека не постои алтернатива.

Бискуспката конференција на САД претходно пред американските католици појасни дека вакцините произведени од компаниите „Фајзер“ и „Модерна“ до одреден степен се поврзани со клетки од фетуси, кои биле абортирани во минатиот век.

Во образложението, кое пристигна од Ватикан, се наведува дека давањето морален легитимитет за употреба на таква вакцина се заснова на принципот „различни степени на одговорност за соработка во злото“.

Ова, според толкувањето, значи дека поради фактот што пандемијата претставува толку голема опасност, ваквите вакцини можат да се користат „според совеста и со знаење дека не претставува учество во абортус од кој потекнуваат клетките користени за производство на вакцини“. Во отсуство на безбедна вакцина добиена од други извори „морално е прифатливо да се прими вакцина за Ковид-19, во која се користеле клетки од абортирани фетуси за време на истражувањето и производството“.

Толкувањето на Ватикан се однесува и на самата вакцинација, која е доброволна, но „се препорачува за општо добро и особено за заштита на најслабите и најизложените (на заразата)“.

РАДИО МОФ