Вечниот опозиционер Албин Курти повторно на прагот на власта

0
67

Албин Курти „остана идеолог и самонаречен антиколонијалист. Одбива меѓународно мешање, и Специјалниот суд во Хаг. Ја брани УЧК од убедување, но и од сознанието дека тоа е популарно“, пишува печатот на германски јазик.
„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ пишува за одлуката на Уставниот суд на Косово да го прогласи за неуставен јунскиот избор на премиерот во косовскиот парламент: „Во изборот на Авдулах Хоти за шеф на владата, според Уставниот суд, учествувал и пратеник кој претходно е правосилно осуден за корупција. За распишување нови избори има рок од 40 дена.“

Весникот потсетува што претходеше на владата на Хоти, за која сега судот утврди дека е нелегално избрана: „По октомвриските избори 2019 година, Демократската лига на Косово на Хоти влезе во коалиција со левонационалистичкото Самоопределување. Коалицијата се распадна по неколку месеци. Токму Самоопределување се обрати до Уставниот суд за да се докаже нелегитимноста на владата. “

Швајцарскиот весник „Ноје цирхер цајтунг“ објавува детална анализа на ситуацијата настаната со одлуката на Уставниот суд на Косово. Дописникот од Приштина, Андреас Рајх, вели дека лидерот на Самоопределување, Албин Курти, е на прагот на освојување на власта. „Јас сум бивш, но ќе бидам и иден премиер на Косово“, рече Курти по одлуката.

„Ноје цирхер цајтунг“ наведува податоци, според кои, Курти не кажува празни приказни, зашто најновите анкети покажуваат дека неговото Самоопределување може да смета со значително подобар резултат. „Сепак, неговата партија мора да пронајде нов коалиционен партнер. Тоа не е лесно. Претходната потрага по коалиционен партенр траеше четири месеци.“

„Подготвеноста на компромис не е негова силна страна. Долго го одликуваше радикалност во стилот и супстанцијата на политиката. Курти и неговите партиски соборци фрлаа солзавец во парламентот за да спречат изгласување посебни права за српската заедница на Косово. Гласно бараше обединување на Косово и Албанија. Тој етнонационализам од него направи непосакувана личност за многу западни дипломати“, пишува швајцарскиот весник.