ВМРО-ДПМНЕ вечерва на протести: „Оставка на Заев, слобода на народот“

0
61

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вечерва ги блокираше улиците пред Влада и Министерствата за правда и за надворешни работи барајќи оставка од премиерот Заев.

Опозицијата е незадоволна од, како што велат, погрешните политики на Владата.

Пратеникот Бојан Стојаноски од пред Владата порача дека специјалниот преговарач Владо Бучковски отишол во Софија да договара промена на учебниците и историјата.

-Тука сме дојдени со една цел, да го спречиме оова што и се случува на Република Македонија, вчера зборувавме дека човекот со лепливи прсти специјалниот преговарач Владо Бучковски дека ќе ја превземе функцијата, а денеска отишол во Софија, отишол да преговара за она што не се преговара. Отишле да преговараат и да договараат дека учебниците ќе се менувааат и дека ќе се менува историјата, хартијата трпи се, ама никогаш нема да можат да ги избришат жртвите, оние кои што ги дале животите во борбата против фашистичкиот окупатор. И тоа треба на сите да им биде јасно, рече Стојаноски.

Пред Министерството за надворешни работи говореше пратеничката Рашела Мизрахи. Таа рече дека протестот не е против ниту една соседна држава, туку против премиерот Заев и неговата екипа, која, како што рече, ги распрадова националните интереси за кои животот го дале македонските херои.

-Што ли би рекле Илинденците, зарем со нешто заслужија коските да им се превртуваат? И не од поробувачите, туку од оние кои во моментов ја водат државата, која токму Илинденците и Партизаните во Завет ни ја оставија, слободна македонска држава со слободен народен јазик и вековна историја, држава на сите нејзини граѓани, рече Мизрахи.

Пратеникот Бранко Петрушевски од пред Министерството за правда, пак, повика на национално обединување.

-Жално е почитувани пријатели ова што го прави Зоран Заев, ќе ја менувал историјата?! Зарем треба да дозволиме бугарска историја, да не го славиме 11 октомври кога се крена цел народ против фашизмот. Не е доволно само да протестираме, треба да ја шириме идејата и да му покажеме на Заев дека не може да си поигрува со македонската историја, затоа оставка за Заев, порача Петрушевски.