Дел од своите вакцини Бугарија ќе испрати во Македонија

0
70

Источниот сосед изрази волја, надвор од дипломатските бариери, да ѝ подаде рака на нашата земја во надминување на пандемиската криза. Денеска министерот Венко Филипче учествуваше на владината седница на Бугарија, каде официјална Софија му вети дека во првата пратка на вакцината, дел од дозите ќе бидат испратени во Скопје. Не беше утврдено кога и колкава е дозата, но се потенцира дека нашата земја се очекува да ја прими вакцината истовремено со земјите од ЕУ.

Со одлука на бугарската влада, во врска со договорот што го имаат со ЕУ за вакцината против ковид 19, разгледана е можноста за препродажба и донирање на некои количини на соседните земји. Според бугарскиот министер за здравство, прво ќе пристигнат вакцините Фајзер, потоа на Модерна и на Астра Зенека.

„Во овој поглед на солидарност во надминувањето на кризата со пандемијата предизвикана од ковид 19, заснована врз национални потреби, беа распределени дози за сите бугарски граѓани. Сепак, имаме и дополнителни дози за соседните земји од Западен Балкан. Следи потпишување на конкретни договори за да се отвори патот за процесот на утврдување на потребните количини за граѓаните на Северна Македонија“, рече Костадин Ангелов министер за здравство во Бугарија.

До март се очекува да дојдат 833 илјади дози преку механизмот Ковакс. Македонија се очекува да добие и други вакцини преку Полска и Грција. Според здравствените власти, нашата земја се очекува да воспостави колективен имунитет преку вакцинација на 70% од населението во текот на 2021 година.