Дилеми во муслиманскиот свет :Може ли свинскиот желатин да биде проблем при вакцинирањето?

0
63

Муслиманите треба да имаат право на избор за тоа која вакцина ќе ја примат ако има доказ дека некои од нив се со желатин од свинско месо, вели за Канал 5 скопскиот муфтија Ќенан Исмаили, кој посочува дека засега Исламската верска заедница нема официјален став по ова прашање.

Деновиве, Исламската верска заедница на Босна и Херцеговина им порача на своите припадници дека се должни да се одлучат за т.н. чисти вакцини, односно без желатин од свинско месо.

Она, што им е забрането на муслиманите, е лекот да го бараат во тоа што Алах го забранил. Во забранетите нешта спаѓаат и свињите и свинските производи, стои во соопштението од кабинетот на реисот на Босна и Херцеговина.

Во објавата на составот на вакцината „Фајзер“ има наведено состојки како липиди, но не е наведено за каков тип на масти станува збор.

Поради забрзаната постапка за развој на вакцини во обидите да се обезбедат повеќе дози за пократко време, нема гаранции дека свинскиот желатин не е дел од мастите на „Фајзер“, „Модерна“ и останатите, но засега нема ни докази дека има.

Земјите во Азија претходно преку верските заедници не дозволуваа вакцинирање со вакцини во кои има состојки од свинско потекло. Сепак, пред два дена, во обид да ја подигне свеста за важноста од вакцинирањето, се вакцинираше и саудискиот принцот Мохамед бин Салман.

Освен за исламските, составот на вакцините може да претставува проблем и за еврејските заедници, бидејќи производите од свинско месо, и кај нив исто така се сметаат за „нечисти“.

Засега точен датум кога и од кој производител ќе пристигнат вакцините во Македонија нема, тоа ќе се случи во првото наредно тромесечие, велат за Канал 5 од Министерството за здравство