Драматичен ден во Брисел – Чешка, Словачка и Австрија ѝ ставија „вето“ на Бугарија

0
452

Европската унија не успеа да ги усвои рамките за преговори за С. Македонија, ниту заклучоците за проширувањето. Словачка, Чешка и Австрија ги блокираа нацрт-заклучоците тврдејќи дека се направени прекумерни отстапки за Бугарија. Трите земји-членки сметаат дека вклучувањето на историскиот контекст во официјални документи на Европската унија претставува нов преседан и го комплицира понатамошното проширување на Унијата. Затоа, според нив, потребно е повеќе време за усогласување на заклучоците во Советот за општи работи. Нацрт-заклучоците кои синоќа беа усвоени во Советот на амбасадори, ги вклучуваа и бугарските барања.

„Потребно е воздржување од изјави и постапки кои негативно влијаат на добрососедските односи. Советот на ЕУ потсетува на Договорот од Преспа меѓу Република Северна Македонија и Грција и на Договорот за добрососедски односи меѓу Република Северна Македонија и Бугарија и ја нагласува важноста за нивна имплементација. Овие два чекора мора ефикасно да им стават крај на сите тврдења засновани на погрешно толкување на историјата.“

Од Владата во Скопје синоќа реагираа со нови критики до Европската унија потенцирајќи дека Брисел направил геостратешка грешка која ќе има последици.

„Ние испорачуваме, а ЕУ не ги одржа своите ветувања и во овој момент не го добиваме правилниот одговор. Бугарија и ЕУ ја повторуваат грешката во однос на Северна Македонија. Историската грешка во 2019 година, сега е огромна геостратешка грешка на ЕУ… Оваа грешка е мотивација за уште посериозно продирање на интересите на трети страни во срцето на Европа.“

Владата е категорична дека дури и по овој ќор-сокак нема да разговара со Софија за идентитетски прашања, иако ќе продолжи да ги спроведува билатералниот договор и внатрешните реформи. Додека германската канцеларка Меркел изрази оптимизам за скоро решавање на спорот реферирајќи се на контактите со бугарскиот премиер Борисов, од кабинетот на Борисов рекоа дека за решение треба волја како од Софија така и од Скопје.

„Зборував уште еднаш со бугарскиот премиер Бојко Борисов и се надевам дека овие прашања ќе бидат решени во блиска иднина.“

“Напорите на бугарската страна отсекогаш биле и продолжуваат да бидат насочени кон постигнување дијалог и разбирање за решавање на билатералните прашања со Република Северна Македонија, но за оваа цел тоа мора да го сакаат и да го спроведат двете страни. Бугарија има целосно разбирање за овие напори на нејзините партнери во ЕУ“

Инаку, Софија има три услови за да го повлече ветото за Скопје: почитување на јазичната формулација според Договорот од 2017 година, прецизен патоказ за негова имплементација и откажување од тврдењата за македонско малцинство во Бугарија.